Банките продаваат над 1.200 станови и дуќани и 278 парцели земјиште

43

Деловните банки продаваат вкупно 1.207 станови и деловни простории, како и 278 парцели со градежно и земјоделско земјиште, пренесува МИА.

Агенцијата за катастар денеска промовираше Регистар на преземени недвижности (одземен имот) што се наменети за продажба.

“Во соработка со правните субјекти кои располагаат со недвижности преземени во постапки при наплата на побарувања или по други основи Агенцијата за катастар на недвижности ќе ги прикажува овие податоци на својот портал со што ќе се постигне целта на едно место секој заинтересиран инвеститор или купувач на недвижен имот да добие точна информација за недвижниот имот, којшто е расположив на продажба“, информира на прес-конференција директорот на Катастарот, Борис Тунџев.

Активно учество во реализацијата на проектот досега зеле 11 банки, а моментно најмногу од недвижностите наменети за продажба се од страна на Комерцијална банка ад Скопје. Во втората фаза е предвидено вклучување на стечајните управници и извршителите, затоа што и тие се дел од постапките за располагање со имот.

Тунџев појасни дека Катастарот нема увид во цената по која банката ќе ја врши продажбата, ниту пак динамика за продажба на имотот. Тоа ќе го ажурираат комерцијалните банки, а во регистарот ќе биде евидентирана продажбата кога ќе биде реализирана. Од моментот на воспоставување или продажбата на самата недвижност таа ќе биде тргната од регистарот.

“Во реално време во моментот кога ќе биде извршена трансакцијата за продажба на недвижниот имот таа во истиот момент се трга од регистарот. Идејата е во реално време да ја отсликува реалната фактичка состојба за недвижности што во моментот се наменети за продажба“, рече Тунџев.

Катастарот го води регистарот врз основа на податоците од субјекти кои ги презеле недвижностите при наплата на побарувања или по друг основ, односно Агенцијата за управување со одземен имот, Управата за јавни приходи, банки и др.

Фото: Pexels