Берзата ги враќа стандардните ценовни ограничувања

57

Одборот на директори на Македонската берза, вчера повторно ги анализираше актуелните пазарни состојби на Берзата коишто во последно време се карактеризираат со значајни ценовни осцилации при тргувањето со хартии од вредност и нагласени промени на вредноста на индексот МБИ10 под влијание на настаните и информациите поврзани со вирусот COVID-19.

Одборот на директори смета дека долгорочните ограничувања за тргување на берзите од каков било вид нема да ги променат причините што моментално ја предизвикуваат ценовната осцилаторност на пазарите на хартии од вредност глобално, регионално и локално, го прикриваат моменталниот инвеститорски сентимент и можат да го отежнaт пристапот на инвеститорите до нивните средства. Оттука, ваквите ограничувања можат да придонесат за мултиплицирање на сложените пазарни состојби и последици за инвеститорите во хартии од вредност. Ова е и официјалeн став на Европската федерација на берзи (FESE) од минатата недела.

Имајќи го предвид наведеното, направената анализа на пазарните состојби и трендови во последните неколку трговски денови, како и добиените барања на Комисијата за работење со хартии од вредност при Македонската банкарска асоцијација, Одборот на директори на Берзата донесе соодветни одлуки, односно заклучоци, за коишто во продолжение ја информира јавноста:

Почнувајќи од 26.03.2020 година при тргувањето на Берзата се враќаат стандардните ценовни ограничувања коишто важеа до 16.03.2020 година и тоа:

  • За хартиите од вредност кои се во режим на континуирано тргување статичките лимити ќе изнесуваат +/-10% од официјалната просечна цена за хартијата од вредност на претходниот ден на тргување, а динамичките лимити изнесуваат +/-3% од моменталната референтна цена за хартијата од вредност;
  • За хартиите од вредност кои се во режим на аукциско тргување и имаат статички лимити, истите ќе изнесуваат +/-20% од официјалната просечна цена за хартијата од вредност на претходниот ден на тргување, а динамичките лимити изнесуваат +/-3% од моменталната референтна цена за хартијата од вредност;
  • За хартиите од вредност кои се во режим на аукциско тргување и немаат статички лимити, истите продолжуваат да се тргуваат без статички лимити, а динамичките лимити изнесуваат +/-3% од моменталната референтна цена за хартијата од вредност.

Стандардните ценовни ограничувања на Македонска берза од +-10% беа намалени на +-5% почнувајќи од 17.03.2020 година, со цел иницијално ублажување на претходно настанатите нагласени ценовни осцилации при берзанското тргување со хартии од вредност. Истите претставуваа времена мерка и не можат да бидат во примена континуирано со оглед на тоа што во ваков облик во голема мерка ги ограничуваат инвеститорите при тргувањето, можат да ја нарушуваат ликвидноста на пазарот и на подолг рок го оневозможуваат ефикасното формирање на ценовните нивоа на хартиите од вредност во новонастанатите пазарни услови.

Новото правило за автоматско времено прекинување на тргувањето со сите хартии од вредност во рамките на еден трговски ден (кога индексот МБИ10 ќе се промени повеќе од 70% од важечките статички лимити), што беше неодамна воведено во функција на обезбедување уредно тргување со хартиите од вредност во услови на поизразени флуктуации на индексот МБИ10, останува во сила. Оваа новина во тргувањето е стандардно решение коешто се применува и на многу други берзи во регионот и пошироко и со тоа во Правилата за тргување на Берзата се вградува уште еден институционален механизам за автоматско стабилизирање на ценовните движења, на ниво на цел пазар.

Со цел овозможување на полесен пристап до тргувањето со хартии од вредност, Берзата во изминатиот период има развиено соодветни алатки за т.н. електронско тргување, кои се достапни на инвеститорите преку членките на Берзата (брокерските куќи и банките). Ги повикуваме сите инвеститори што помасовно да ги користат, а членките на Берзата што повеќе да ги популаризираат во новонастанатите околности. За таа цел Берзата се откажува од надоместокот кој го наплатува за истите сè додека во државата е на сила вонредната состојба поради вирусот COVID-19.

Берзата прави и ќе прави сè што е во нејзина можност и во овие услови да обезбеди континуирано тргување со хартии од вредност на македонскиот пазар, сè додека објективните околности го дозволуваат тоа и додека нема соодветни одлуки на надлежните институции. Проценка е дека нејзината инфраструктура и процедури за работа можат да обезбедат континуитет на берзанското работење и тргување со хартии од вредност и во вакви околности.

Одборот на директори на Берзата ќе продолжи будно да го следи развојот на настаните на пазарот на хартии од вредност што го управува, вклучително и какви било промени во практиките на странските берзи и по потреба ќе презема соодветни мерки и активности во наредниот период за што јавноста ќе биде благовремено известувана.