Бизнис средби на македонски и шведски тур-оператори во Охрид

30

ohrid1Во организација на амбасадата на Република Македонија во Шведска, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и Turkish Airlines, вчера во Охрид за првпат се одржаа бизнис средби на тур-оператори од Шведска и Македонија.

На средбата присуствуваа повеќе од триесетина тур-оператори и хотелиери од Македонија кои се сретнаа со тур-операторите од Шведска при што разменија искуства, интереси и контакти за идната соработка помеѓу овие две држави.

“Првата посета на шведските тур-оператори на Македонија и остварените средби со македонските оператори и хотелиери се продолжение на бројните активности што ги презема амбасадата на Република Македонија во Стокхолм и Владата на Република Македонија. Оваа посета несомнено ќе придонесе за зголемување на интересот на Шведска и Скандинавија за туристичките потенцијали и економски поволности на Република Македонија. Посебно ме радува можноста што шведските тур-оператори ги посетија сите позначајни туристички локалитети и локации на Македонија, и по враќањето во Шведска Македонија да се најде на туристичките понуди на Шведските тур-оператори преку пренесувањето на нивното позитивно искуство од остварената посета”, рече амбасадорот на Република Македонија во Шведска, Кире Илиоски.

На средбата присуствуваше и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој изрази задоволство од повторното враќање на странските туристи на охридското крајбрежје, како и од активностите за нивно привлекување во поголем број.

“По речиси дводецениско намалување на бројот на странските гости, последниве години може да се почувствува нивното враќање. Тоа е тенденција која не радува, но и не мотивира заедно со централната власт, туристичките работници и научните кругови да креираме и да промовираме нови туристички пакети. Со тоа, се надеваме дека ќе бидеме поконкурентни на европскиот и светскиот туристички пазар”, рече Бакрачески.

Бакрачески додаде дека годинава првите чартер летови со странски туристи веќе почнаа да пристигнуваат, а така ќе биде до септември.

“Ова се едни од многуте тур-оператори кои пројавија интерес за Македонија, што е показател дека Македонија станува се поатрактивна дестинација за странските туристи. Досега тур-операторите од Шведска се одушевени од она што го нуди Македонија, се надевам дека тоа воодушевување ќе резултира со нешто конкретно за кратко време”, рече Маја Глигоровска, портпаролка на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.