Хрватот Саша Саломон создаде уред што четката за заби ја поврзува со паметен телефон и миењето на заби се претвора во детска игра.
Фигурата, којашто се поставува на детската четка за заби, безжично се поврзува со мобилен или таблет, а детето зависно од тоа како ги четка забите, напредува во играта и освојува поени. На тој начин, децата преку игра се мотивираат да ги мијат забите во траење од две минути за да добијат награда на крајот. Апликацијата е достапна на Android и iOS уредите. Фигурите Brushies може да се поставуваат на било која четка за заби.
Brushies е развиен во Вуковар, а неговото производство се одвива во Кина. Поради големината и поголемата куповна моќ, Brushies е фокусиран на американскиот пазар, каде што е регистриран. Саломон заедно со неговиот американски партнер, Амар Дарказанли, на почеток на месецов започнаа претпродажба на своите производи во САД, по што планираат да се прошират на северна и средна Европа, пишува Јутарњи лист.
Фигурите Brushies може да се нарачаат преку веб продавницата Mybrushies.com по цена од 30 долари и моментално во понудата го има розовиот и синиот пингвин Pearly, а во иднина ќе бидат достапни и други фигури, како што се мајмунот Minty, тигарот Toothy и коалата Kissy.
“Барања има буквално од сите делови на светот, па ќе видиме со колкава брзина ќе шириме понатаму“, вели Саломон.
Имајќи предвид дека претпродажбата е ограничена, целта им е да ги доработат видеоигрите и да соберат повратни информации од претходните корисници. Во развојот на производот настојуваат да соработуваат со денталната индустрија и затоа во својот советувачки одбор имаат стоматолог од Минесота, а во контакт се и со други стоматолози кои се заинтересирани за нивниот старт – ап.