Цели на НБРМ: Ниска инфлација, стабилен девизен курс и финансиска стабилност

26

Одржување на ниска и стабилна инфлација преку стратегијата за одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, како и обезбедување финансиска стабилност како важен елемент на макроекономската стабилност, се стратегиските цели на Народната банка за периодот 2015 -2017 година.

Овие цели се дел од Стратегискиот план на НБРМ што беше усвоен од Советот на централната банка во рамки на шестата седница.

Исто така, Стратегискиот план за наредните три години претставува продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во областа на утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката, истражувањата и внатрешната ревизија.

Народната банка, како што стои во соопштението, и натаму ќе го развива корпоративното управување и ќе го продлабочува системот на вредности. Во таа смисла, ќе продолжи процесот на создавање современ и компетентен човечки капитал, воспоставување на најновите технолошки иновации во деловните процеси и на развивање на соработката со домашните и странските институции.

Советот на НБРМ ја усвои и Одлуката за начинот и постапката на известување за трансакции со нерезиденти. Со оваа одлука се овозможува за дел од субјектите, кои имаат обврска за известување за трансакции со нерезиденти, и тоа осигурителните компании, инвестициските фондови, пензиските фондови, да известуваат нивните регулатори. Со Одлуката, покрај тоа што се очекува намалување на товарот врз наведените деловни субјекти, се очекува и добивање податоци со подобар опфат и квалитет, затоа што ќе се известува и за состојбата на хартиите од вредност што ги поседуваат нерезидентите, наместо досегашната практика да се известува само за извршените трансакции.

На седницата Советот ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите за отворање и водење на сметки на нерезиденти. Со Одлуката за изменување и дополнување се овозможува уплата на ефективни странски пари во банка од страна на лицето овластено за уплата, без притоа пријавувањето при влез во Република Македонија да го извршил тој лично. Исто така, се овозможува и уплата на домашни и странски ефективни пари, без приложување писмена потврда, доколку парите потекнуваат од продажба на производи на патници во авиони.

Советот, на денешната седница, ја донесе и Програмата за истражувачката активност во периодот 2015-2017 година. Истражувањата предвидени за тригодишниот период треба да му дадат поддршка на процесот на одлучување, да придонесат за поуспешно функционирање на Народната банка и за соочување со идните предизвици. Воедно, предвидените истражувања и анализи треба да придонесат кон натамошно осовременување на работењето на Народната банка и подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).