Четири децении слаткарница Палма: За водење успешен бизнис потребен е слух за тоа што бараат потрошувачите

961
100_5488
Бекир Бајрам, еден од сопствениците на слаткарница Палма

Нашето четиридецениско постоење ни покажува дека немаме конкуренција. Не постои човек кој не слушнал и не бил во Палма. Ниту пак, некој кој еднаш дошол, а не се вратил повторно.

Бекир Бајрам, еден од сопствениците на слаткарницата Палма вели дека за да се истрае и успее на македонскиот пазар, потребна е голема упорност. Слаткарницата Палма во скопско Тафталиџе постои скоро 40 години и е семеен бизнис. Уникатноста на секое колаче, сладолед и пијалок во оваа слаткарница е тоа што ги оддржува на пазарот веќе години наназад.

100_5497БИ: Од кога постои слаткарницата Палма и како се дојде до идејата за започнување на сопствен бизнис?

Почетоците на слаткарницата Палма се во декември 1976 година. Отворањето на семеен бизнис беше идеја на татко ми. Тој сакаше да создаде нешто што ќе остане, сакаше да вложува во работи кои со текот на годините само ќе се надградуваат и ќе останат запаметени. Се одлучи сопствениот бизнис да биде за храна и кондиторски производи. Денеска нема подобар доказ за тоа дека успешно ја реализирал својата идеја, од нашето постоење од скоро четири децении.

БИ: Кои се предностите и слабостите во водењето на семеен бизнис?

Со оглед на тоа што во семејниот бизнис има повеќе луѓе кои одлучуваат, ние имаме направено еден договор преку кој нашите мислења ги искажуваме и потоа одлучуваме дали некое ќе биде корисно и изводливо или не. Одлуките ги носиме тимски, дискутираме се додека да не најдеме заедничко решение. Но, секако и последниот збор е секогаш на најстариот. Тој е оној кој ја носи конечната одлука.

БИ: Познати сте по бозата, лимонадата, боровницата. Колку сте задоволни од потрошувачката?

100_5494Морам да признаам дека се што ќе се произведе во текот на еден ден, тоа и се троши. Никогаш досега не ни се случило да произведеме повеќе и тоа да остане. Успехот во бизнисот, особено во нашиот сектор, е секогаш да бидете во можност на потрошувачите да им понудите тазе и свежи производи. Среќни сме што многу луѓе доаѓаат во Палма само за да купат боза или боровоница, лимонада, шприцер, кој е мешавина од боза и боровница или лимонада. Тоа што нашите муштерии постојано и постојано се враќаат кај нас и ги користат нашите производи, не прави навистина горди.

БИ: Слаткарницата Палма нуди и богат избор на сладолед, колачи и торти. Која е тајната во создавањето на овие слатки задоволства?

Тајната на нашите кондиторски производи е во уникатноста. Мајсторите-слаткари кои се задолжени за нивното производство се трудат на производите да им дадат посебен белег, печат, нешто по што ќе се разликуваат од останатите кондиторски производи. Сите наши артикли кои ги нудиме се уникатни и ние веќе со децении се трудиме тоа така и да остане.

БИ: На кој начин се справувате со конкуренцијата?

Нашето четиридецениско постоење ни покажува дека ние немаме конкуренција, да ја имавме денеска немаше да постоиме. Немаше да бидеме изградено и познато име во бизнис секторот. Затоа на тоа поле немаме никакви потешкотии, не постои човек кој не слушнал и не бил во Палма. Ниту пак, некој кој еднаш дошол, а не се вратил повторно.

100_5492

БИ: Што според вас е потребно за водење на успешен бизнис?

За водење на успешен бизнис се потребни многу работи. Потребен е осет за бизнис, како и слух за тоа што го бараат потрошувачите. Но, најважни се три работи, услуга, квалитет и хигиена. Ние овие три работи ги практикуваме долго време, и нашата успешност се заснова токму поради нив. Секогаш квалитетните и свежи производи, добрата услуга и хигиената на високо ниво е тоа што нашите потрошувачи ги враќа секогаш кај нас.