Coca-Cola HBC добитник на две светски признанија за одржлив развој

22

Системот на Coca-Cola HBC, каде припаѓа и Пивара Скопје, е награден со А рејтинг од страна на CDP (Carbon Disclosure Project), со што се вброи меѓу корпорациите кои ја сочинуваат листата на глобални лидери во заштитата на животната средина и намалување на влијанието од климатските промени. CDP e непрофитна организација која го нуди единствениот глобален систем според кој компаниите можат да ги мерат, управуваат и споделат клучните информации за животната средина, мотивирајќи ги да го намалат сопственото влијание врз неа.

Coca-Cola HBC неодамна беше прогласена за најдобра во светот меѓу компаниите за производство на пијалаци за 2014-та година од страна на „Дау Џонс индексите за одржливост“ (The Dow Jones Sustainability Indices). Ова дополнително признание е добиено откако претходно над 2.500 големи компании од различни индустриски сектори од Европа и светот се оценувани врз основа на релевантни финансиски, економски, социјални и еколошки параметри, при што Coca-Cola HBC е рангирана на прво место меѓу 30 компании за производство на пијалаци во светот и прва од 10-те компании од овој сектор во Европа.

Осврнувајќи се на добиените признанија, главниот извршен директор на Coca-Cola HBC, Димитрис Лоис изјави: „Ние сме пресреќни што сме препознаени како лидери во нашата индустрија од страна на двата клучни показатели за корпоративните практики за одржлив развој. Нашиот значаен напредок оваа година на „Дау Џонс индексите за одржливост“ и добивањето на А рејтингот од страна на CDP јасно покажуваат дека одржливоста е во срцето на нашиот бизнис. Овие две награди се признание за целата компанијата за добрата работа што ја правиме“.

Според CDP, Coca-Cola HBC го заслужи местото меѓу глобалните лидери во заштитата на животната средина благодарение на спроведените иницијативи и инвестиции кои директно и индиректно придонесуваат за намалување на емисиите на јаглерод во атмосферата за 5,3% во однос на минатата година. Некои од тие иницијативи вклучуваат воведување на ладилници кои не користат гасови што делуваат неподобно на атмосферата, како и инвестиции од 3 милиони евра во 2014-та во имплементација на програми за заштеда на енергија.

„Горди сме што припаѓаме кон сeмeјството на Coca-Cola HBC и на таков начин имаме можност да учествуваме во иницијативите за заштита на животната средина. Нашиот реален придонес во реализацијата на овие иницијативи се гледа и преку тоа што сите нови ладилници што ги набавува Пивара Скопје не користат гасови што делуваат неподобно на околината, а дополнително со инвестициите во нов систем за греење во нашите производни погони постигнавме ефикасна заштеда на енергија. Среќни сме што со овие активности и вложувања придонесовме целиот систем на Coca-Cola HBC да биде препознаен како глобален лидер во заштитата на животната средина“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Александар Ружевиќ.

Во составот на Coca-Cola HBC се наоѓаат компании од 28 земји, меѓу кои и Пивара Скопје АД, кои произведуваат брендови од портфолиото на Coca-Cola за пазар од вкупно 586 милиони потрошувачи.