Димитровски избран за потпретседател на Европскиот совет на инженерски комори

23

Европскиот совет на Инженерски комори, на своето 16-то Генерално собрание, избра три потпретседатели,  професорот Миле Димитровски од македонската Комора, Хубертус Бројер од Комората на Германија и Зигмунд Мејер од полската комора на инженери.

Миле Димитровски е актуелен претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.

На изборното собрание на ЕЦЕЦ (ЕCEC – European Council of Еngineers Chambers), коешто се одржа на кон средината на ноември во Загреб, Хрватска, за претседател беше избран Клаус Туреди од австриската инженерска комора, а  Ханцјорг Лецнер од италијанската комора за генерален секретар.

“Ова претставува уште едно признание за македонската Комора, која е посебно ценета во меѓународната инженерска заедница заради својот пристап кон странските инженери и инженерски Комори и системот на континуиран инженерски развој. Управниот одбор на Комората го поддржа иницијалниот предлог на Инженерската иницијатива за регионална соработка, составена од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија, поради извонредниот ангажман во промоција на коморското работење во регионот, за овој мандатен период да ме кандидира за функција“, вели професор Димитровски.

Мандатот на новиот состав на ЕЦЕЦ е три години од денот на изборот. Седиштето на Европскиот Совет на Инженерски комори (ЕCEC – European Council of Еngineers Chambers) е во Брисел.