До јуни, германскиот туризам ќе изгуби 11 милијарди евра

55

Туристичкиот сектор во Германија проценува дека до средината на јуни ќе изгуби до 10,8 милијарди евра приход, кога истекува забраната за патувања донесена поради спречување на заразата од коронавирус.

Претседателот на германското патничко здружение, Норберт Фибих, соопшти дека туристичките агенции и оператори се “скоро целосно затворени”. Тој изјави дека покрај изгубените приходи, оптоварување за германскиот туристички сектор претставуваат и трошоците за надомест за откажани патувања.

Фибих соопшти дека две третини од туристичките агенции се наоѓаат пред банкрот и побарале итна програма за безповратна помош од државата.

“Политичарите повеќе не можат со скрстени раце да гледаат како туристички агенции и оператори остануваат без приходи“, изјави Фибих.

Комесарот на германската влада за туризам, Томас Барајс, минатата недела ја посочи можноста за основање фонд за помош на туризмот, доколку Германија не успее од Европската комисија да издејствува ублажување на прописите за исплата на надомест за откажување на патувања. Наместо тоа, Германија се залагала за тоа на компаниите да им се овозможи издавање ваучери.

Фото: Pixabay