Досега легализирани 100.000 дивоградби

17

Досега речиси 100.000 семејства добија правен статус за своите дивоградби и имотен лист. И покрај можноста за легализација, што стартуваше пред три години, институциите на терен се уште регистрираат нови дивоградби. Клучен датум за оние кои досега не ја легализирале својата градба или не ја комплетирале документацијата е крајот на следната година до кога треба да се достават потребните геодетски елаборати.  Во спротивно, според најавите од општините, барањата за легализација ќе бидат отфрлени, а дивоградбите отстранети. Крајниот рок за заокружување на целиот  процес за легализацијата е септември 2017.

Од март 2011 до септември 2011 година, согласно Законот за постапување со бесправно изградените објекти, до општините беа поднесени 360.000 барања. До почетокот на месецов во Катастарот се запишани 95.656 легализирани објекти. Со добивање на имотниот лист, што е последната фаза од целиот процес, сопственикот може да тргува со својот имот или да го стави како залог во банка за добивање кредити. Со легализацијата на објектите граѓаните се стекнуваат со правото да ги откупат и дворните места по цена од евро за 1 метар. Со измените на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште од април оваа година се овозможи и оваа категорија граѓани да имаат право по легализација на објектот и да ги решат и имотно-правните работи за земјиштето.

Најмногу барања за легализација беа поднесени во Скопје, и тоа во општините Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром и Чаир, а по главниот град следуваат Куманово, Прилеп и Штип.

Клучен проблем на кој укажуваат институциите постојано е некомплетирањето на документацијата за легализацијата со потребните геодетски елаборати. Решение за  тој проблем за социјално ранливите категории граѓани  најави државата.  Подготвени се законски измени со кои за 34.000 приматели на социјална помош и 5.000 приматели на парична помош  се подобруваат условите за легализација, со ослободување од трошоците за геодетски елаборати.

По службена должност премерот на недвижностите и изработката на елаборатите ќе ги врши Агенцијата за катастар на недвижности. За да можат да ја користат владината мерка граѓаните приматели на социјална и постојана парична помош ќе треба да обезбедат потврда од центрите за социјална работа, а оние со ниски примања до 168.000 денари годишно потврда од Управата за јавни приходи, а потоа можат во подрачните одделенија  на Агенцијата за катастар  на недвижности да поднесат барања за бесплатен елаборат за легализација. Општините ќе водат  регистар  за поднесени барања за легализација во електронска форма.  Лицата од социјално ранливите категории кои ќе ги легализираат објектите нема да го изгубат правото на социјална и постојана парична помош.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на територијата на Македонија лани се регистрирани 1.275 бесправно изградени објекти.