Дубровник бара дозвола за влез на крузери во градот

74

Градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, официјално побара од хрватските власти да дозволат на пристаништата во градот да допловуваат бродови со повеќе од 200 патници.

Властите во Хрватска оваа пролет донесоа одлука да се забрани влез на бродови со повеќе од 200 патници поради спречување на ширењето на коронавирусот.

Според тамошните медиуми, големата крузерска компанија MSC неодамна објави дека повторно почнува со крстарења по Медитеранот. Во овој момент го нема Дубровник на мапата на патување, поради забраната на хрватските власти.

Молбата на градоначалникот е со цел да се помогне на туризмот во овој град, којшто поминува низ една од потешките туристички сезони поради пандемијата.

Сепак, во последните 10-тина години, многу жителите на Дубровник, вклучувајќи ги и хотелиерите, сопствениците на ресторани и други туристички работници, многу гласно се бунеле против крузерите, тврдејќи дека тие не оставаат големи пари во градот, туку само создаваат непотребни гужви на плоштадот во градот.

Фото: Freepik