Две компании во конкуренција за универзален снабдувач за електрична енергија

47

Комисијата за спроведување на постапката за избор на Универзален снабдувач, со која претседава академикот, проф д-р Глигор Каневче, по истекот на рокот за поднесување на апликации на јавниот повик, веднаш по 15 часот, изврши јавно отворање на доставените понуди во согласност со тендерската документација.

Комисијата констатираше дека има доставено две понуди, првата од група на понудувачи составена од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување и втора понуда од ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ, при што е утврдено дека двете понуди се доставени во согласност со тендерската документација и го исполнија првичниот услов да бидат отворени.

Во согласност со тендерската документација беа прочитани следните елементи на понудите, понудена бруто маржа и доставена банкарска гаранција. По отворањето на двете понуди Претседателот на Комисијата констатираше дека и во двете понуди е доставена валидна оригинална банкарска гаранција, додека понудената бруто маржа наведена во понуда доставена од група на понудувачи составена од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување е 14,4%, додека понудената бруто маржа наведена во понудата на ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ е 14,9%.

Претседателот на Комисијата објасни дека сега следува фаза на евалуација на понудите, односно проценка на нивната економска-финансиска способност, како и на техничката способност во согласност со критериумите наведени во тендерската документација. По завршување на евалуацијата, процес кој максимално може да трае до 86 дена, доколку компаниите ги исполнуваат условите, ќе бидат поканети да учествуваат на електронска аукција, по принцип на негативно наддавање на понудената маржа, а почетна маржа ќе биде пониско понудената маржа од двете понуди. Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде избран за најповолен и ќе биде поканет да го потпише договорот за Универзален снабдувач со електрична енергија.

Комисијата изјави дека посветено ќе се работи пред крајниот рок да биде завршена евалуацијата и да се заокружи процесот на избор на универзален снабдувач.

Овластените претставници на компаниите кои аплицирале на јавниот повик немаа забелешки на постапката.