Двојно зголемен финансискиот резултат на Охридска банка во првите три месеци

12

SONY DSC

Кумулативниот реализиран финансиски резултат на Охридска Банка за периодот од први јануари до 31-ви март оваа година изнесува 61,8 милиони денари и во споредба со истиот период претходната година бележи зголемување од 34,3 милиони денари или двојно повеќе, стои во коментарот за остварените резултати на Охридска банка, објавен на Македонска берза.

Остварените нето приходи од камати во периодот јануари-март оваа година бележат пораст за 6,23% споредено со остварените нето приходи од камати во истиот период минатата година.

Зголемените каматни приходи се резултат на зголемената активност и зголемената просечна состојба на кредити додека каматните расходи се зголемени за 2,3 милиони денари како резултат на каматните трошоци за зголемените депозити на население и каматни трошоци за зголеменото финансирање од меѓународните финансиски институции. Во нето приходите од камати е вклучен и позитивниот ефект од наплата на сомнителни и спорни побарувања од камати во нето износ од 19,7 милиони денари.

Во анализираниот период, нето приходите од провизии и надоместоци регистрираа намалување за 4,5 милиони денари како резултат на зголемените трошоци од провизии за четири милиони денари, најмногу поради провизиите за СГ гаранциите во март 2014 и истовремено зголемените трошоци за провизии од Mastercard и Visa.

Во делот на приходите од провизии забележана е позитивна динамика на приходите од провизии од население, како и приходите од провизии за издадени гаранции. Во вкупните приходи од провизии и надоместоци со 69,1% учествуваат приходите од корпоративни клиенти, 23,5% од физички лица и самовработени, додека пак 7,4% се провизии од финансиски институции (вклучувајќи ги тука и провизиите од Вестерн Унион и картично работење).

Нето приходите од курсни разлики бележат намалување од 3,4 милиони денари во споредба со истиот период минатата година што е резултат на повисоката споредбена основа минатата година, при што реализацијата во тековната година е во целот во согласност со планираните.

Другите приходи се зголемени за 3,6 милиони денари кои ја вклучуваат и реализираната капитална добивка од продадената екпозитура и средство преземено врз основа на ненаплатени побарувања.

Вкупните оперативни трошоци во периодот јануари-март споредено со истиот период претходната година се повисоки за 6,07% поради зголемените трошоци за вработените во износ од 3,1 милиони денари, зголемената премија за осигурување на депозити и зголемената амортизација, додека кај другите ставки бележат намалување (намалени трошоци за изнајмување и одржување, за технологија и телекомуникации, канцелариски материјали, транспорт на пари, намалени трошоци за гориво).

Во 2014 година алоцирани се 5,3 милиони денари за исправка на вредноста на нефинансиските средства. Исправката на вредност на финансиските средства на нето основа на крајот од првиот квартал од 2014 година споредено со првиот квартал од 2013 година е намалена за 54,7% како резултат на позитивното влијание на остварената наплата на нивото на резервации за кредитен ризик.