ЕК почна постапка против Кипар и Малта за “златните пасоши“

48

Европската комисија (ЕК) поведе прекршочна постапка против Кипар и Малта поради практиката на доделување државјанство на странски инвеститори, преку т.н. златни пасоши.

Комисијата смета дека доделувањето на државјанството на овие земји членки, а со тоа и на државјанството на ЕУ, во замена за предодредено плаќање или инвестиција и без вистинска врска со засегнатите земји членки, не е компатибилно со принципите на Договорот за ЕУ.

Принципот на доделување на ЕУ пасош на инвеститори ја загрозува Унијата со оглед на тоа што со поседување на ЕУ државјанство граѓанинот добива права да патува, работи и живее во која било земја на ЕУ, а се здобива и со право на глас на локални избори и на изборите за Европскиот Парламент.

Малта и Кипар дозволуваат купување на ЕУ пасош или преку директно плаќање или преку значајна инвестиција во нивната земја веќе неколку години.

Иако условите за доделување државјанство е национална компетентност на земјите членки, Европската Комисија смета дека тоа мора да биде ограничено на безбедноста и интегритетот на Европската Унија, врз основа на што е легално оправдано да се отвори прекршочна процедура, смета извршната власт на ЕУ.

Слична шема е детектирана и во Бугарија. Европската Комисија испратила писмо и до оваа земја за подетални објаснувања.

Владите на Кипар и Малта имаат рок од два месеци да одговорат на официјалното известување на Комисијата за започнување на постапката, испратено во писмена форма.

Фото: Freepik