Евробарометар: Европејците загрижени поради економијата, но веруваат во подобра иднина

42

Истражувањето на Евробарометар, спроведено во периодот обележан со пандемијата Ковид-19, покажува дека Европејците се многу загрижени за економската состојба, но исто така имаат уверување дека ЕУ ќе донесе правилни одлуки кога станува збор за одговор на кризата.

Според новиот Евробарометар, спроведен во јули и август, 64 % од Европејците сметаат дека економската состојба е лоша, а 42 % сметаат дека економијата на нивната земја ќе се опорави од негативните ефекти од појавата на вирусот “во 2023 година или подоцна“.

Европејците се поделени во однос на мерките што ЕУ ги презеде за борба против пандемијата, но 62 % велат дека веруваат дека ЕУ ќе донесе правилни одлуки во иднина, а 60 % остануваат оптимисти за иднината на ЕУ.

Најмногу оптимизам е регистриран во Ирска (81 %), Литванија и Полска (по 75 %) и Хрватска (74 %).

Најниски нивоа на оптимизам се забележани во Грција (44 %) и Италија (49 %), каде песимизмот го надминува оптимизмот и Франција, каде мислењето е поделено подеднакво (49 % наспроти 49 %).

Повеќе од една третина од испитаниците сметаат дека економската состојба е најитно прашање со кое се соочува ЕУ, што не се случило од економската криза во 2014 година.

Кога станува збор за лични искуства за време на периодот на затворање поради вирусот, 30 % од Европејците велат дека било “прилично лесно“ да се справат, додека четвртина велат дека било “прилично тешко“ да се справат со него.

Поддршката за Економската и монетарната унија и еврото останува висока, при што 75 % од испитаниците во еврозоната заговараат единствена валута на ЕУ, додека тој процент на ниво на целата ЕУ е 67 %.

Фото: Freepik