Финансиски резултати од работењето на Винер Лајф за 2016 година

23

winner-life

И покрај фактот дека остварената финансиска добивка од работењето на Винер Лајф за 2016 година бележи негативни перформанси, (реализирана нето загуба од 190.000 евра), анализата на структурата на останатите финансиските показатели ја потврдува успешната реализација на развојната стратегија на компанијата во насока на стабилен, долгорочен и одржлив раст, гарантирајќи пред сé, стабилност и доверба кај своите клиенти, стои во соопштението.

“За периодот од шест години, од кога на македонскиот пазар настапува како самостоен деловен субјект чие портфолио е базирано на платформата на животното осигурување, Винер Лајф со цврсти чекори ја гради платформата на доверлива и стабилна финансиска институција ориентирана пред сé, кон задоволството на клиентите и квалитетот на сопствените услуги“, велат од компанијата.

Остварената бруто премија од полиси за 2016 година изнесува 196 милиони денари, што претставува пораст од 74 милиони денари во однос на 2015 година. Овој тренд на зголемување, истовремено, преставува и најголем остварен пораст во споредба со пазарните трендови.

Во услови кога вкупниот пораст на остварените бруто премии од полиси на пазарот на животното осигурување за 2016 изнесува 17%, порастот на бруто приходите за 60% во однос на претходната фискална година, како што се наведува, ја сместува Винер Лајф во групата на најбрзо растечки финансиски институции во Република Македонија.

Компатибилно со забрзаниот пораст на приходите од тековното работење, Винер Лајф го зголемува и вкупниот износ на вложени средства во 2016 година кој изнесува 8,8 милиони евра што е за 30% повеќе од средствата вложени во 2015 година.

Техничките резерви на компанијата се зголемени за 1,1 милион евра, или во апсолутен износ изнесуваат 4,6 милиони евра.

Реализираните приходи од вложувања на паричните средства во 2016 изнесуваат 18,3 милиони денари, (298.000 евра), кои споредени со 2015 година, бележат зголемување од 17%, додека административните трошоци од работењето на компанијата во 2016 изнесуваат 42 милиони денари, (682.000 евра) што претставува намалување за 10%.

Бруто исплатените штети во 2016 година изнесуваат 37,4 милиони денари (609.000 евра).

Врз основа на сите финансиски достигнувања и остварениот финансиски резултат, како во претходните години, така и оваа, Винер Лајф на своите клиенти ќе им препише учество во добивката остварена од вложување на паричните средства, или популарно наречено profit participation.

“2016 година за Винер Лајф е година кога компанијата ги постигна најдобрите резултати во своето шестгодишно работење. И покрај фактот што се остварени, па дури и надминати сите планирани резултати во сите сегменти од работењето, особено сме горди на фактот што сé поголем број клиенти ја препознаваат нашата посветеност кон воведување на нови и иновативни производи кои овозможуваат низа поволности и поголема флексибилност во понудата на пазарот на животното осигурување. Нашата посветеност и вложувањата на капиталните и човечките ресурси во насока на подобрување на портфолиото на услуги, во 2016 година беа препознаени од 2.830 клиенти кои во склучија договор за животно осигурување со Винер Лајф. Горди сме што имаме млад и амбициозен тим кој се стреми кон остварување на уште повисоки цели, а во чиј фокус на прво место е задоволството на клиентите. Успешното работење во текот на 2016 година како и во претходните години, ни овозможи, на своите клиенти да им припишеме учество во добивката остварена од вложување на паричните средства, популарно наречена profit participation, со што ќе ги зголемиме средствата кои нашите клиенти ќе ги добијат по истекот на нивните договори“, изјави Дарко Дедиќ, Претседател на Управниот одбор на Винер Лајф