Годинава Македонија ќе има зголемена потрошувачка на енергија

22

bez strjaСпоред прогнозите на Предлог енергетскиот биланс, во 2013 Македонија ќе потроши 81.897 тера џули финална енергија што е за 5,2% повеќе отколку минатата година.

Потрошувачката ќе порасне кај сите видови енергија и енергенти, а најмногу кај природниот гас, по што ќе следат нафтените деривати и геотермалната енергија.

Потрошувачката на примарната енергија се очекува да изнесува 125.695 тера џули и да се темели пред се на планираното зголемување на потрошувачката на природниот гас за 21,5%.

Повеќе од половина од вкупните потреби за енергија, или 52,2% ќе бидат обезбедени од домашни извори, а останатите 47,8% од увоз.

Според планираното, вкупните потреби за електрична енергија се очекува да изнесуваат 9.028 гигават часови, што е за 2,6% повеќе во однос на лани, од кои 76,5% ќе се обезбедат од домашното производство, а 23,5% од увоз.

Очекувањата за производството на електрична енергија се тоа да биде на ниво од 6.907 гигават часови, што е за 7,4% поголемо во однос на минатата година. Ова најмногу се должи на најавеното зголемено производство на АД ТЕ-ТО Скопје.

Термоцентралите на лигнит ќе произведат 4.823 гигават часови или 72% од вкупната електрична енергија во државата, а хидроелектраните се планира да произведат 1.088 гигават часови или 15,7% од вкупното производство.

Планот е нето увозот на електрична енергија годинава да биде за 10,5% помал во однос на лани и да изнесува 2.121 гигават часови. Причина повторно е најавеното производство на АД ТЕ-ТО Скопје.

Во однос на загубите на електрична енергија во 2013 година се планира тие да изнесуваат 1.308 гигават часови и да бидат помали за 2,5% во однос на лани.

Потребите од природен гас се планира да изнесуваат 309 милиони метри кубни. Се очекува пораст за 8,1% кај потрошувачка на нафтени деривати, како и пораст на увозот на сурова нафта од 335.000 тони на 560.000 тони.

Ова се должи на зголемената потреба од мазут за 25,7%. Исто така се очекува и значителен пораст на потрошувачката на биогоривата.