Горивата на Макпетрол ги исполнуваат стандардите на ЕУ

38

Горивата на Макпетрол ги исполнуваат стандардите што ги бара Европската Унија и имаат континуиран квалитет што се обезбедува преку нивно постојано тестирање во сопствената лабораторија која е меѓународно акредитирана, велат од компанијата.
“Новото гориво Ултра дизел пауер џет на Макпетрол не само што ги задоволува барањата на европскиот стандард за дизел горивата, туку и ги надминува. Во него има одредени подобрувања кои ги надминуваат барањата на стандардот, како што се зголемениот цетански индекс и зголемената мазивност кои претставуваат значајни компненети при работењето и заштитата на моторот”, изјави Горан Ангеловски, директорот на Дирекцијата за стандардизација, квалитет и екологија во Макпетрол, која е директно одговорна за обезбедување на квалитетот на горивата, при средбата со новинарите.
Тој посочи дека квалитетот на горивата се постигнува со употреба на најнови технолошко-технички решенија и со контрола во нивната лабораторија за контрола на квалитетот на горивата, која е првата меѓународно призната и акредитирана лабораторија во Македонија.
“Сите технологии кои ги применуваме не влијаат на цената што значи дека цената на нашите горива е идентична со сите други дистрибутери во Македонија”, нагласи Ангеловски.
Компанијата, како што посочи, од пред две години применува и систем за заштита на животната средина од испарливи органски соединенија при манипулација со бензини, иако законското решение за тоа во Македонија стапи на сила пред еден месец, а компаниите имаат рок да го имплементираат до средината на 2016 година.