Гранит за девет месеци прокнижи добивка од 142,3 милиони денари

30

Компанијата Гранит, во период од први јануари до 30-ти септември оваа година, оствари вкупна сеопфатна добивка од 142.375.000 денари, стои во консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Во деветте месеци од минатата година, добивката на компанијата беше на ниво од 301.284.000 денари.

“Во периодот јануари – септември 2020 година, друштвото оствари консолидирана добивка во износ од 108.037.000 денари, додека вкупната сеопфатна добивка изнесува 142.375.000 денари. Останатата сеопфатна загуба којашто беше остварена во периодот до месец јуни оваа година во износ од 89.560.000 денари и која произлегуваше од намалување на пазарната вредност на портфолиото акции кои ги поседува Друштвото, во третиот квартал на 2020 година е елиминирана поради порастот на пазарните цени особено во месец септември 2020 година“, стои во Образложението за остварените резултати.

Вкупните приходи од продажба, заклучно 30-ти септември оваа година, достигнаа вредност од 3.239.532.000 денари, од кои на домашен пазар отпаѓаат 3.010.170.000 денари, а остатокот од 229.362.000 денари е остварен на пазари во странство.

“Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари – септември 2020 година изнесуваат 3.416.774.000 денари и во споредба со остварените во истиот период 2019 година бележат намалување за 20,7%“, стои во Образложението.

Фото: Facebook