Хрватска меѓу трите најпогодени земји поради пад на туризмот

42

Светскиот туризам би можел да изгуби повеќе од 1.200 милијарди долари или 1,5% од вредноста на глобалниот бруто домашен производ по скоро четири месеци прекин поради коронавирусот, а меѓу 15-те земји од светот чиј БДП најмногу би бил погоден од оваа криза, Хрватска е трета во светот, стои во извештајот на UNCTAD (United Nations Conference on Trade and Development).

“Ковид-19 ги запре долгогодишните позитивни трендови во светскиот туризам, предизвикувајќи сериозни економски последици во целиот свет. Иако туризмот полека повторно се рестартира во поголем број земји, во многу сè уште е во застој, а за многу, како што се малите островски земји и држави во развој, колапсот во туризмот значи и колапс во нивните перспективи за развој“, предупредува UNCTAD, пренесува Seebiz.

Анализирајќи ги загубите во туризмот и нивното влијание врз БДП, UNCTAD проценува дека Јамајка и Тајланд би можеле да претрпат најголеми загуби од 11 односно 9%.

Во Хрватска таа загуба би била 8%, а потоа следува Португалија со 6% и Доминикана со 5%.

Меѓу 15-те најпогодени земји следуваат: Кенија, Мароко, Грција, Маурициус, Сенегал, Ирска, Египет, Јужна Африка, Малезија и Шпанија. Туристичкиот сектор и во многу богати земји, исто така, ќе го почувствуваат силниот притисок од удар врз економијата. Популарните европски и северноамерикански дестинации, како што се Франција, Италија и САД, исто така, се очекува да забележат загуби од туризмот мерени во милијарди долари.

Фото: Freepik