Искористени половина од евтините кредити од ЕИБ

14

640x392_73760_171759Македонските компании искористиле половина од евтината кредитна линија од Европската инвестициска банка. Почнувајќи од јули кога беше ставена на располагање, поддржани се 187 проекти во вредност од 49.996.332 евра.

Според информациите на Македонска банка за поддршка на развојот, во постапка на одобрување се нови 23 проекти во износ од 10 милиони, кои ќе се обезбедат со повлекување на нова петта транша од кредината линија од 100 милиони евра што ја обезбеди Владата од Европската инвестициска банка. Новата транша се очекува да биде повелечна до крајот на месец март.

Најголемиот дел од одобрените кредите, односно 40% се за производствени компании, 32%, за трговија, 11% се во секторот услуги, 4% за транспорт и 3% се кредити за хотели.

Кредитната линија се пласира преку Македонската банка за поддршка на развојот, а фирмите поднесуваат барање кај девет деловни банки – Стопанска банка Скопје, НЛБ Тутунска банка, Комерцијална банка, Охридска банка, Шпаркасе банка, Стопанска банка Битола, Прокредит банка, ТТК  банка и Халк банк.

Средствата се достапни по субвенционирана камата од 5,5% и рок на отплата од осум години со грејс период од две години. Вкупно 70% од кредитната линија се за малото стопанството, а 30% за големите компании. Малите и средните претпријатија може да ги користат за обртни средства и за инвестиции, а големите компании може да аплицираат за проекти од областа на животната средина, претприемништвото и иновации, енергетика, инфраструктура, индустрија и други услужни дејности.

Кредитите од 10.000 до 3,5 милиони евра ќе се одобруваат со рок на отплата осум години грејс период од 2 години, а кредитите со износ од 5.000 до 667.000 евра со рок на отплата до 3 години со грејс период од 6 месеци.

Оваа и претходните две кредитни линии имаат за цел да дадат поддршка на приватниот сектор од страна на Владата, преку нови средства да се зголеми ликвидноста на стопанството и извозот.