Известија: Газпром најскапо продава гас во Македонија, Полска, БиХ, Чешка и Бугарија

20

gas

Фото: Pixabay

Во текот на минатата година руската енергетска компанија Газпром својот природен гас најскапо го продавала во Македонија, Полска, Босна и Херцеговина, Чешка и Бугарија, пишува московскиот весник Известија.

Како што се вели во весникот, цените по кои рускиот гас се продавал во Македонија и Полска од 2009 година биле на највисоко ниво. Додека просечната цена на гасот за земји во европа била 413,1 долари за 1.000 метри кубни, во првите шест месеци од 2012, Македонија истото количество гас го плаќала по 564,3 долари, Полска по 525,5 долари, БиХ по 515,2, Чешка по 503,1, а Бугарија по 501 долари.

Виталиј Крјуков, аналитичарот на ИФД Капитал, во изјава за московскиот весник вели дека Газпром најскапо го продава својот гас во оние земји кои немаат алтернативни извори за достава на енергенсот.

“Македонија и БиХ целосно зависат од Газпром во испораката на гас, Бугарија 90% од своите потреби ги задоволува од рускиот гигант, а Полска над 60%”, вели Крјуков.

Во весникот исто така стои дека по ланските рекордни цени, оваа година гасот на Газпром ќе поевтини за речиси 14%, но во исто време компанијата ќе забележи раст на продажбата од 8%.

Прогнозите за 2013 година се цените на гасот да бидат за речиси една четвртина пониски во однос на нивото од првите шест месеци од минатата година. Според овие очекувања, гасот во Македонија би се продавал за 497,5 долари за 1.000 метри кубни, додека за споредба во Грција истото количество на енергенсот би чинело 427,2 долари.

Руската компанија никогаш официјално не ги објавува цените по кои го продава својот гас. Токму затоа Европската комисија се обидува да ја дознае нивната висина врз основа на договорите што секоја одделна држава ги склучува со компанијата, што секогаш и не и успева, се вели во Известија.