Извршителите ќе може да одземаат само 1/5 од плата или пензија

Законодавниот дом ги изгласа најновите измени и дополнувања на Законот за извршување кои ги подготви Министерството за правда. Ова е втора измена на законот, а двете измени се во насока на градење на концепт на правично извршување и заштита на достоинството на граѓаните, стои во соопштението.

Со измените, како што се наведува, се намалува износот на максималната вредност којашто може да биде задржана, односно се менуваат ограничувањата на извршувањето и тоа од 1/3 на 1/5 од плата и пензијата за лицата приматели на просечна плата и пензија, надомест на трошоци за сместување на лице и надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија.

Измената на Законот за извршување, како што се наведува, е одраз на реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на граѓани кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми.

Социјално ранливите групи на лица, не по своја вина, не се во можност да ги намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата, не само личната, туку и на нивните семејства.

Со измените целосно се изземаат од присилното извршување примањата на граѓаните кои се корисници на гарантирана минимална помош, примањата на децата согласно Законот за заштита на децата, како и примањата за социјална сигурност на старите лица, согласно прописите за социјална сигурност на старите лица.

Примената на законските одредби ќе се однесува и за веќе започнатите извршувања бидејќи станува збор за поповолен закон за граѓаните.

Фото: Pixabay