Јавен повик за изградба на хидроелектраната Чебрен

61

Владата денеска го промовираше јавниот повик за доделување концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река, односно за изградба на хидроелектричната централа Чебрен.

Со оглед на тоа што во сите држави во регионот инвестициите во обновливи извори на енергија се зголемуваат, оваа хидроцентрала со својот капацитет ќе биде од огромно значење за балансирањето на електроенергетскиот систем на Македонија и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регионалниот пазар.

“Јавниот повик се однесува на пројавување на интерес на заинтересирани компании кои ќе сакаат да го изградат ХЕЦ Чебрен во соработка со АД ЕСМ, преку моделот на јавно приватно партнерство. Од информациите што ги добив денес, веќе седум странски компании побарале да ја подигнат претквалификациската документација која во оваа фаза е бесплатна“, рече премиерот Оливер Спасовски.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски истакна дека Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата за спроведување на овој голем проект во дело.

“Во план е Чебрен да биде јавно-приватно партнерство, во коешто ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата. Проценките се дека изградбата ќе чини најмногу 570 милиони евра, средства коишто ќе треба да ги обезбеди приватниот партнер. Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333 мегавати и годишно производство од 1000 гигавати електрична енергија. Наша обврска е изградбата на пристапниот пат до хидроцентралата и потоа приклучокот, односно трафостаницата. Како наш удел во новата заедничка компанија со приватниот партнер ќе биде внесена ХЕЦ Тиквеш, која е на истиот слив, односно на Црна Река и единствено можно е двете хидроцентрали, Чебрен и Тиквеш да функционираат во една целина бидејќи зафаќаат вода од исто течение и си влијаат една на друга“, информираше Ковачевски.

Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, директорот на ЕСМ изрази оптимизам дека Чебрен ќе овозможи во иднина да се намалува производството на електрична енергија од јаглен и постепено да се замени со производството од оваа голема хидроелектрана.

“За споредба, цело ЕСМ денес произведува 4.000 гигавати годишно. Кога Чебрен ќе почне да работи, годишната редукција на јаглерод диоксид ќе се намали за 913.000 тони помалку, бидејќи 1.000 гигават часови електрична енергија нема да се произведат од јаглен, туку од вода”, подвлече Ковачевски.

Тој најави дека заинтересираните компании ќе можат да се јават на јавниот повик до трети април, а тековните испитувања на пазарот на компании, спроведено од страна на Меѓународната финансиска корпорација, којашто е дел од Светска Банка, покажа дека сериозни компании од регионот и Европа се заинтересирани за изградба на Чебрен.