Како да помогнете ако некој близок има финансиски проблеми?

178

Меѓу луѓето е позната една стара поговорка, што вели: Ако сакаш некој да ти стане непријател, позајми му пари. Праксата и животното искуство тоа знаат често и да го потврдат. Но, постојат ситуации во кои ваши блиски пријатели или роднини се наоѓаат во ситуација кога не можат сами да ги решат финансиските проблеми и ќе им биде потребна помош.

Сепак, постојат некои непишани правила што доколку ги почитувате, ќе им излезете во пресрет кога им е најмногу потребно, но и ќе бидете сигурни дека ќе ги добиете парите назад.

Направете “интерен“ договор за заем

Најпрво треба да расчистиме со двата поима – кредит и заем. Ако кредитот го подигнуваме од банка, заемот не мора да се земе од некоја формална финансиска институција. Затоа, направете си интерен договор со вашиот близок роднина или пријател. Ставете ги сите важни елементи, од износ, преку динамика на исплата до рок на целосно исплаќање на позајмените пари. Најдолу ставете свој потпис, имајте по една копија и чувајте го. Така, ќе му помогнете на блискиот кога му е потребно, но и јасно ќе дадете до знаење дека се работи за заем што треба да се врати, а не подарени пари.

Подарете пари како подарок

Во случај да сакате да му помогнете на вашиот близок, а не сакате да ви ги врати парите, искористете некоја прилика (роденден, годишнина…) и подарете му пари. Така ќе знаете дека сте му помогнале, а тој нема да се чувствува навреден бидејќи смета дека тоа е подарок за одреден повод.

Помогнете со вработување…

Доколку немате можност финансиски да го помогнете пријателот или роднината, не се откажувајте веднаш. Размислете подобро дали имате некоја друга опција што би му била од корист. На пример, распрашајте се дали некој има потреба од вработување на вашиот близок или можеби дополнително вработување со скратено работно време. Можеби тој приход ќе му помогне да ги “закрпи“ финансиските дупки и да обезбеди сигурност на долг рок.

Нешто што ви се чини непотребно, некому може да му значи многу

Во случај да немате многу опции со коишто би можеле да му дадете поддршка на вашиот близок, размислете дали можеби имате нешто што вам не ви користи, а може на блискиот добро да му дојде. Можеби во гаражата имате велосипед што не го користите, па може да му го дадете на вашиот близок да го користи како превозно средство до работа за да заштеди пари.

Идеи може да има многу, како и отворени можности. Она што е важно е да му бидете поддршка, најпрво морална, на својот близок за да може полесно да се соочи со потешкотиите. Потоа, со малку креативност и желба ќе можете да бидете од голема помош.

Фото: Pexels