Како до поквалитетна туристичка понуда

21

2010083108462646Хотелиерите, туристичките агенции и туроператорите од струшкиот регион се сретнаа со министерот за економија Ваљон Сарачини.

Министерот на средбата информираше дека бројот на туристите во февруари 2013 година, во однос на февруари 2012 година е зголемен за 8,7%, а бројот на ноќевањата е зголемен за 10,3%.

“Мерките што ги презема Владата, веќе почнаа да даваат резултати и очекуваме тој тренд да продолжи и понатаму. Tоа се должи, пред се, на субвенциите за авионските летови кон Македонија, мерка што ќе се спроведува секоја година, како и поддршката на туроператорите кои носат странски туристи од Холандија, земјите од Бенелукс, но и од скандинавските земји”, рече Сарачини.

Министерот објасни дека во Стратегијата за развој на туризмот 2013-2020 година се предвидуваат точни мерки и активности за тоа како може Македонија да има поквалитетна туристичка понуда.

“И тука има активности, не само за централната власт, туку и за локалната. Акцискиот план содржи точни рокови што треба да се направи во претстојниот период во насока на развој на зимскиот, летниот, руралниот и еко туризмот, чија крајна цел е до 2020 година, учеството на туризмот во бруто домашниот производ да биде 5%”, рече Сарачини.

Тој исто така информираше дека министерството отвара нова канцеларија која ќе обезбеди техничка поддршка за сите туристички агенции кои што имаат проблеми со пополнување на апликации и формулари за добивање субвенции.

Аркан Керим, од туристичка агенција Генерал турист ја поздрави иницијативата на Министерството за економија, како и студискиот план со активности кои треба да се реализираат со крајна цел, привлекување на што поголем број туристи.

“На денешнава средба се договоривме да имаме студиски план и настап во Струга, како и што да направиме за да го зголемиме бројот на туристите во струшкиот регион. Максимално ќе бидеме вклучени да помогнеме со свои предлози”, рече Керим.

Тој додаде дека Генерал турист во моментов работи претежно со гости од Турција, а годинава планираат да донесат околу 10.000 туристи од Турција и Холандија, но и имаат најава и за гости од Германија.