Како ќе изгледаат постпандемиските патувања

44

Многумина кои не можат да го замислат животот без патувања беа принудени да ги одложат своите планови за некои подобри времиња. Но, порано или подоцна, нашите животи ќе се вратат во нормала, а со тоа и можностите за патување. Сепак, по пандемиското искуство, луѓето ќе патуваат на малку поинаков начин.

Саби Фагура, новинарка која прави патеписи, за Euronews, изјави дека верува дека навиките на патувањето кај луѓето ќе се променат по 2020 година.

Несомнено е дека пандемијата ќе има голем број негативни ефекти врз различни групи луѓе, особено врз оние вработени во туристичкиот сектор. Саби верува дека во постпандемискиот период луѓето ќе се обединат уште повеќе и ќе си помагаат едни на други. Туристите ќе сакаат да дадат сè од себе за да им помогнат на погодените туристички работници. Тие ќе бидат вклучени во некои одржливи проекти и локални иницијативи.

Луѓето по карантинот ќе патуваат до блиските дестинации во поголема мера. По искуството со пандемијата, луѓето уште повеќе ќе го ценат своето здравје и ќе се обидат да сторат сè за да го задржат.

Како што вели таа можеме да очекуваме зголемување на патувањата чијашто најважна цел ќе биде да се грижиме за здравјето и благосостојбата. Тоа може да биде посета на велнес центри или патување до таму каде што има бројни можности за рекреативни активности. Меѓу другото, луѓето ќе гледаат на патувањето како можност за подобрување на нивното ментално и физичко здравје.

“Луѓето во иднина, ќе се фокусираат на наоѓање мирни места во природата, истакнуваа таа. Исто така сопствениците на сместувачки капацитети и превозниците ќе се грижат во голема мера за поголем степен на хигиена“, заклучува Саби.

Фото: Pixabay