Какви навики за штедење имаме?

140

Нашите граѓани и натаму претпочитаат да штедат во банкарски депозити, пред останатите расположливи инструменти. Со крајот на минатата година, банкарските депозити зафаќаат околу две третини од вкупната финансиска актива на населението и ова учество е зголемено споредено со преткризниот период. Следни според обемот се пензиските заштеди, кои учествуваат со 17%, додека заедничкото учество на вложувањата во хартии од вредност и во удели во инвестициски фондови е 8%, а на полисите за животно осигурување нешто над 1%. Ова го изјави гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по повод 31-ви октомври, Светскиот ден на штедењето.

“Според Извештај на Виенската иницијатива, причините за конзервативниот однос на домашното население кон други инвестициски алтернативи, и во услови на опаѓачки каматни стапки, може да се лоцираат во сѐ уште недоволно изградената инвестициска култура што доведува до слаб интерес за вложувања на пазарот на капитал. Влијание има и плиткоста на пазарот, непријатните искуства со падот на цените на акциите од не така далечното минато, како и ограничената понуда на инвестициски инструменти што не ги исполнува во целост потребите на инвеститорите за диверзификација. Важен фактор за развојот на пазарот на капитал, кој исто така е нагласен во овој Извештај, е подигнувањето на нивото на финансиска писменост на просечниот штедач, што ја определува склоноста кон ризикот и способноста за носење на информирани инвестициски одлуки. Препознавајќи ги придобивките од финансиски писмено општество, Народната банка останува посветена да работи на финансиската едукација на населението, со што се јакнат капацитетите за одговорно инвестирање и управување со ризиците, со позитивни ефекти врз одржувањето на финансиската стабилност“, рече гувернерката.

Во домашната економија, како што се наведува, каматните стапки се намалуваа веќе подолг период, што соодветствува со глобалните трендови на ниски каматни стапки и олабавувањето на монетарните услови во домашни рамки.

“Падот на цената на кредитите позитивно придонесува за економскиот раст, олеснувајќи го пристапот до кредитирање за домаќинствата и за корпоративниот сектор. Но, исто така повлекува пониски приноси на штедењето со оглед дека депозитите се главен извор на финансирање на кредитниот раст и нивната цена се вградува во цената на кредитите. Сепак, според динамиката, темпото на приспособување е различно, при што намалувањето на каматите на депозитите е значително забавено во последниот период. За последните три-четири години карактеристично е побрзо намалување на каматите на кредитите во однос на каматите на депозитите, што придонесува за стеснување на каматниот распон“, рече гувернерката.

Споредено со европскиот пазар, приносите на штедењето во домашниот банкарски сектор, во голема мера сѐ уште се конкурентни, а во основа се релативно повисоки и споредено со каматните стапки на штедните влогови во останатите земји од регионот. Народната банка презеде повеќе мерки и активности со кои ги поттикнува банките да нудат повисоки приноси на долгорочните депозити, со оглед на значењето на подолгорочното штедење за стабилноста на финансирањето на самите банки, но и за економијата, како извор на финансирање на долгорочни инвестициски проекти.

Традиционалната склоност на нашето население, како што се наведува, за штедење во банкарски депозити остана задржана и во последнава декада, што се потврдува преку постојаниот раст на депозитите на домаќинствата кој со август достигна 9% на годишно ниво. Поволна е и структурата на штедењето. Трендот на денаризација продолжува, при што сега околу 60% од вкупните депозити на банките се во домашна валута, што е значаен напредок во споредба со периодот од глобалната криза кога во денари беа околу 40% од вкупните заштеди.