Кои им се најголеми трговски партнери на САД, а каде сме ние?

253

Соединетите Американски Држави се соочуваат со трговски дефицит уште од 70-тите години на минатиот век. Тоа значи дека во изминатите пет декади, САД увезуваат повеќе од другите земји одошто ги извезуваат своите производи, покажува анализата на порталот Howmuch.net.

Петте земји во светот во коишто САД извезуваат најмногу се: Канада (293 милијарди долари), Мексико (256 милијарди долари), Кина (107 милијарди долари), Јапонија (75 милијарди долари) и Велика Британија (69 милијарди долари).

Генерално, земјите од Северна Америка, Западна Европа и Источна Азија најмногу увезуваат од американските производи.

Од друга страна, петте земји од коишто САД увезуваат најмногу се: Кина (452 милијарди долари), Мексико (358 милијарди долари), Канада (320 милијарди долари), Јапонија (144 милијарди долари) и Германија (127 милијарди долари).

И покрај “трговската војна“ што ја имаат САД и Кина од 2018-та година, САД сепак се многу зависни од увозот на производи од Кина.

Со овие пет земји, според Howmuch.net, САД имаат позитивен трговски биланс: Хонг Конг (26 милијарди долари), Холандија (21 милијарда долари), Обединети Арапски Емирати (16 милијарди долари), Австралија (15 милијарди долари) и Белгија (15 милијарди долари).

Со Кина (346 милијарди долари), Мексико (102 милијарди долари), Јапонија (69 милијарди долари), Германија (67 милијарди долари) и Виетнам (56 милијарди долари) САД имаат негативно трговско салдо.

Кога станува збор за нашата земја, САД од Македонија увезуваат производи во висина од 283 милиони долари, додека извозот во нашата земја им е 38 милиони долари. Од тоа може да се заклучи дека САД имаат негативно трговско салдо со Македонија во висина од 244 милиони долари.

Од земјите во регионот, најголема трговска размена САД имаат со Грција. Од Грција увезуваат производи во висина од 1,5 милијарди долари, додека извозот им е на ниво од 1,4 милијарди долари. Потоа следува Словенија од каде САД увезуваат 964 милиони долари, а извезуваат производи во вредност од 345 милиони долари. Трета Бугарија, од каде САД увезуваат стока во висина од 911 милиони долари, а извозот достигнува 462 милиони долари.

Фото: Pexels