Конференција за млади лидери

13

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денес во Охрид ќе има свое обраќање на дводневната Конференција за млади лидери – Предизвици и можности за балканското лидерство денес, јавува МИА.

На отворањето на конференцијата планирано е да се обратат поранешниот претседател на Бугарија, Георги Прванов и поранешниот претседател на Албанија, Бамир Топи.

Учесници на Конференцијата за млади лидери се претставници на петте генерации на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов, се одржува на годишно ниво од 2010 година. Идејата е да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Во рамки на дводневната Конференција за млади лидери свои предавања ќе одржат професорот Драган Стефановиќ и Мухамед Мешиќ, а ќе се одржи и дебата на тема Придонесот на ИСЛАА во лидерството на следната деценија, соопштуваат од кабинетот на претседателот Иванов.

На Школата за млади лидери досега учествуваа околу 200 млади луѓе со различен академски и професионален фокус. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.