Корпоративни подароци – знак за внимание и одржување на бренд култура

449

Не постои човек на земјината топка што нема да се израдува на подарок. Добро се знае дека подароците, во бизнис светот, претставуваат одлична маркетинг стратегија. Но, секогаш треба да бидете внимателни што подарувате, колку тоа ќе го чини буџетот на вашата фирма и каков впечаток ќе оставите со подарокот. Не подарувајте нешто по секоја цена, бидејќи тоа може да ве чини скапо и за пари, но и за угледот на компанијата.

Најпрво треба да утврдите буџет којшто ќе го ставите на располагање за таа намена. Бидете внимателни, барајте квалитетен дизајн, висока функционалност, бидејќи така не само што ќе им ги честитате празниците на вашите соработници или лојални клиенти, туку и ќе го подигнете нивото на квалитет на брендот зад којшто стоите.

Добриот дизајн е половина завршена работа. Затоа, ако сте во недоумица, тогаш побарајте стручно мислење и совет од професионален дизајнер којшто ќе ви предложи кои да бидат подароците и како да изгледаат.

Бидете рационални, па при изборот на корпоративни подароци размислете околу тоа тие да бидат мултифункционални, да им бидат од корист на оние на кои им ги подарувате, а не само да им зафаќаат место на некоја полица или да ги турнат во некоја фиока и да ги заборават.

Бидејќи не станува за задолжителен дел од работата, корпоративниот подарок треба да “зборува“ за вас, за вашиот бренд, за вредностите коишто ги промовирате, мисијата во којашто верувате… Нека биде префинет подарок, стилски спакуван со вашето дизајнерско лого. Убаво дизајнирана кутија со чоколади, брендирано вино, стилизирани пенкала, кожен роковник, додатоци за мобилни уреди, USB, power bank… безброј предмети со коишто би можеле да го претставите она што го работите, но и достоинствено да се промовирате.

Рачно изработени предмети, накит, додатоци… се актуелни во последно време, па би можеле да вметнете дел од “личноста“ на вашиот бизнис врз шолја за кафе или некој друг предмет што може да се користи и како украс.

Новогодишните празници се како создадени да им подарите нешто на луѓето со кои цела година соработувате. Па така, внимателно одберете што ќе подарете, но никогаш не заборавајте дека дури и најсимболичните предмети подарени од срце и со многу љубов и внимание постигнуваат голем ефект (можеби и поголем од некој прескап подарок).

Фото: Pexels