Македонија доби 400 милиони долари од Светска банка

18

Македонија во следните четири години ќе може да користи 400 милиони долари од Светска банка за постигнување повисок  и поинклузивен раст, кој ќе се претвори во работни места и зголемен приход за сите сегменти во општеството. Ова е предвидено со новата Стратегија за партнерство со Република Македонија за периодот 2015 -2018 година, а која беше разгледана од Бордот директори на Банката вчера, пренесува Миа.

“Новата Стратегија се должи на силното партнерство помеѓу Македонија и Групацијата Светска банка, која дава цврста поддршка на земјата во нејзиниот развој и аспирација за пристап во Европската унија. Македонија има солидни резултати во прудентно макроекономско управување, го одржа растот и ја зголеми вработеноста  за време на глобалната криза“, се наведува во соопштението од Светска банка.

Зависно од условите на пазарот, овие 400 милиони долари може да бидат дополнети со 80 до 100 милиони долари финансирање за четири години од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и гаранции од Мултилатералната агенција за гаранција на инвестициите (МИГА).

Стратегијата за партнерство со земјата е дефинирана околу два столба, односно за раст и конкурентност кое подразбира подобрувања во бизнис климата и трговскиот режим кои се суштествени за привлекување приватни инвестиции и подобрување на извозните резултати за да се постигне одржлив развој предводен од приватниот сектор и создавање работни места. Вториот столб се вештините и инклузијата, кои предвидуваат интервенции што ќе ги зголемат вештините и ќе ја подобрат инклузијата за сите сегменти на општеството да имаат корист од економскиот раст, преку подобри можности за вработување и поефикасни јавни и општински услуги.

“Македонија се стреми кон членство во Европската унија и новата Стратегија на Групацијата Светска банка ќе промовира напредок во агендата за пристап кон ЕУ, како тема која се проткајува низ новата Стратегија. Стратегијата е во согласност со новиот Стратешки документ на ЕУ за помош на земјата за периодот 2014 – 2020 година и средствата од Групацијата Светска банка  ќе се искористат за дополнување и подобрување на апсорпцијата на ЕУ инструментот од претпристапните (ИПА) фондови“, наведуваат од Светска банка.

Додаваат дека Групацијата Светска банка ќе ја поддржи Владата со цела низа финансиски мерки и услуги за поддршка за овие цели, како и обезбедување помош во неколку сектори како транспорт, енергетска ефикасност, управување со јавни финансии и социјална заштита.

“Благодарение на силните резултати од прудентното управување и структурните реформи, земјата оствари солиден раст кој сега се зголемува, а и вработеноста почна да расте“, изјави Татјана Проскурјакова, директор на Канцеларијата на Светска банка за Македонија. Додава дека останува предизвикот да се гради врз овој успех и да се обезбедат нови можности за сиромашните и обесправени групи кои се уште немаат корист од економскиот раст колку што се очекува.

Македонија стана членка на Светска банка во 1994 година. Од тогаш, Светска банка инвестираше 1,7 милијарди долари заеми и грантови преку повеќе од 40 операции, вклучувајќи инвестиции во енергетскиот сектор, патишта, земјоделство, здравство, социјална политика, иновации, вештини и други области. Сегашното инвестициско портфолио на Светска банка се состои од седум заеми во вкупен износ од 369 милиони долари.