Мерката за пченицата ќе се укине откако ќе даде резултат

23

pcenicaМакедонија и Србија го потврдија заедничкиот интерес за понатамошно продолжување на позитивниот тренд на солидна трговска соработка со земјоделски производи помеѓу двете земји, се наведува во соопштението на македонското Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, по средбата на министерот Љупчо Димовски со српскиот министер за надворешна и внатрешна трговија, Расим Лајиќ.

За разлика од српските медиуми кои јавија дека Македонија ја укинува одредбата за пченицата и брашното, од Министерството за земјоделие информираат дека тоа може да се случи откако воведената мерка ќе даде резултат.

“Македонската страна изрази подготвеност за евентуална измена на времената мерка за условен увоз на пченица и брашно после надминување на нарушувањето на пазарот”, стои во соопштението.

Министер Љајиќ потврди и за српските медиуми дека спорната мерка нема веднаш да биде тргната и дека Србија е подготвена да почека одреден период.

“Станува збор за целокупен договор, треба да се укине уредбата која го ограничува увозот на пченица и брашно. Подготвени сме да го почекаме тој период додека не се укине бидејќи е невозможно таа утре да биде изменета, но во секој случај нема да има потреба од наша страна за било која врста на производи да воведеме мерки на реципроцитет”, рече Љајиќ.

Министри се договориле за воздржување од воведување на дополнителни мерки кои би ја оневозможиле непречената трговска размена со земјоделските производи.

Во соопштението се додава дека двете страни ќе овозможат и дополнителна институционална поддршка на економските субјекти за понатамошно унапредување на размената преку овозможување на директни контакти.