Месечен прираст на вкупните депозити во октомври

28

Првичните монетарни податоци за октомври покажуваат солиден месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Позитивните придвижувања во најголем дел се одраз на растот на корпоративните депозити, а позитивен, но помал придонес има и штедењето на домаќинствата. Во октомври продолжи месечниот раст на кредитите, но со поумерено темпо, при што најголем дел од растот произлегува од кредитирањето на домаќинствата, меѓу другото, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и состојбите и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот се задржа поволната ликвидносна состојба во банкарскиот систем, пред сѐ заради натамошните интервенции на НБРМ за откуп на девизи во вкупен износ од 50,2 милиона евра во октомври. Присуството на НБРМ со откуп на вишокот девизни средства на девизниот пазар е поврзано со стабилната девизна ликвидност на банките, којашто и натаму е солидна и овозможува целосно задоволување на нето-продажбите на девизи за потребите на клиентите.

По олабавување на монетарната политика во август 2018 година, Комитетот на ноемвриската седница оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75%. На седницата, исто така, беше одлучено на аукцијата на 14 ноември понудата на благајнички записи да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите октомвриски макроекономски проекции, при што повторно ги потврди согледувањата дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата, видливо преку стабилните инфлациски остварувања и натамошните поволни движења на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата и натаму упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања. Воедно, ризиците за економијата од неизвесното домашно и надворешно окружување и понатаму се присутни.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по растот на економијата од 1,6% во првата половина на годината, високофреквентните показатели за економската активност расположливи досега, општо земено, упатуваат на заклучокот дека движењата се слични како во вториот квартал од годината. На ваквиот заклучок посочуваат податоците за растот на индустријата и трговијата, при сè уште негативни остварувања кај градежната активност.

Податоците за инфлацијата за октомври упатуваат на континуитет на досегашните движења, при што просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени во периодот јануари-октомври изнесува 1,5%, движена во најголем дел од базичната инфлација и цените на енергијата. Во однос на показателите од надворешниот сектор, нивниот број е ограничен, а податоците расположливи досега упатуваат на поволна надворешна позиција. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона.

Дополнително влијание за зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот пазар имаше и приспособувањето на девизните позиции на банките во услови на зголемување на нивните инвестиции во финансиски инструменти со валутна компонента. Поволните движења на меѓубанкарскиот девизен пазар се одржуваат и на почетокот на ноември, така што НБРМ продолжи да интервенира со откуп на вишокот девизи. Со оглед на ваквите остварувања, кумулативниот откуп на девизи на НБРМ од почетокот на годината заклучно со 12 ноември изнесува 298,1 милион евра.

Банките ги регулираа краткорочните флуктуации кај денарската ликвидност во текот на октомври на пазарите на пари, а вишокот денарски средства го пласираа во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ. Со тоа, се овозможува флексибилно управување со средствата и нивна расположливост за брза мобилизација заради зголемена кредитна поддршка на економските субјекти.

Во октомври, на меѓународните финансиски пазари беа забележани променливи движења при зголемена одбивност за преземање ризик од страна на инвеститорите, во услови на неизвесен исход во однос на активностите поврзани со буџетската политика во Италија, како и умерено понеповолните макроекономски показатели за еврозоната. Покрај тоа, оцените за поумерен глобален раст во наредниот период од страна на Меѓународниот монетарен фонд, како и надолното приспособување на проекциите од страна на Европската комисија упатија на можно забавување на економската активност во еврозоната и во наредната година. Во такви околности, беше забележано намалување на светските берзи на акции, а при зголемена побарувачка за безбедни инструменти, цените на европските државни должнички хартии од вредност се зголемија. Очекувањата на инвеститорите за одржување на понудата на нафта на релативно високо ниво, и покрај санкциите на САД врз извозот на Иран, условија надолно движење на цената на нафтата којашто се сведе на најниското ниво во последните два месеци.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели генерално се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија и надворешното окружување во контекст на поставеноста на монетарната политика.