Мобинг – лошата страна на новото време

27

mobing-pixabay

Фото: Pixabay

Економската криза, а воедно и невработеноста, односно луѓе кои молат за работа, на работодавачите им даваат сила и отворена можност да се однесуваат кон вработените на измачувачки начин. Ова го велам затоа што тоа е една од главните причини да добијат храброст кон некого да применуваат мобинг. Главната цел е работникот сам да си замине поради неподносливата психичка тортура на работа, што ќе му олесни на работодавачот во однос на превработеноста и ризикот да даде отказ, а воедно и да ја зацврсти својата позиција на моќ.

Како се постигнува тоа?

Кога се случува мобинг по вертикала, тогаш оние од повисоките скалила во хиерархијата применуваат механизми на однесување кои најчесто се омаловажувачки кон останатите. Тие всушност ги прикриваат своите слаби страни, проектирајќи ги на вработените со понизок статус, а при тоа се доживуваат себеси моќни и доминантни. Моќта која ја спроведуваат најчесто е начин да ја прикријат својата немоќ и неспособност во останатите животни аспекти.

Мобинг може да се применува на различни начини:

Спречување на напредок на вработениот  – најлесно се применува преку сокривање информации, одземање на потребните материјали за работа, спречување на работникот да го изнесе своето мислење, прекинување во говор, непочитување на идеите, игнорирање, давање несоодветни задачи и рокови итн.

Психолошка тортура и понижување – под психолошка тортура се подразбира и оневозможување на нормална комуникација, односно викање, заканување, навредување, вознемирување, забрана, исмејување, озборување итн.

Сексуално вознемирување – непримерни коментари и постапки од сексуална природа, обид или извршување на непристоен и непосакуван физички контакт, ветување награда преку условување со секс итн.

Отпуштање на работник со здравствени проблеми – со изговор дека на организацијата и се потребни здрави работници, после неколку боледувања или по едно подолго боледување, се случува игнорирање во поглед на работните задачи итн.

Освета – најчесто кога некој ќе добие раководна функција, врз останатите применува мобинг со цел да докаже дека е соодветен на тоа место и да изгради статус на надреден.

Прекумерна контрола – неоснована или прекумерна употреба на камери и други технички помагала кои ја контролираат секоја активност на вработениот, поставување на систем кој мери точно време на пристигнување и заминување од работа, по што следи казна за минимална отстапка итн.

Доколку мобинг се случува по хоризонтала, односно помеѓу вработените на исто хиерархиско ниво, тогаш се применува социјална изолација кон одреден колега, не се повикува на состаноци, не се споделуваат информации, со еден збор се саботира неговата работа и воопшто неговото постоење во организацијата.

Кои се жртви на мобинг?

Најчесто се вредни и способни, стручни и креативни луѓе. Секој вработен кој претставува имплицитна закана за претпоставените лесно и несвесно ќе стане жртва на мобинг. Тоа се вработените кои се истакнуваат со својата совест, одговорност, праведност, лојалност, но се значително осетливи на критика. Тие се вистинска мета бидејќи доколку тие, најспособните, ја прифатат инфериорноста во поглед на работодавачите, тогаш истото се подразбира и за останатите. Лесно се постигнува затоа што вработените со вакви карактеристики цврсто веруваат во “доброто за фирмата” и не се свесни за манипулацијата и злоупотребата која се применува, а истовремено се под голем страв дека доколку ја изгубат оваа работа ќе “пропаднат во животот”.

Кои се тие што применуваат мобинг?

Функција со моќ и доминација не е за секој. Голем број директори и менаџери на одговорна позиција се нереализирани во нивниот приватен живот. И тие се жртви, но на самите себе и неможноста да ја контролираат својата нагонска потреба да “бидат главни”. Преку мобинг тие ги прикриваат своите лични фрустрации таму каде тоа позицијата им го дозволува. Иако најчесто се мажи, се забележува дека во последно време расте и бројот на жени кои применуваат мобинг.

Како да се заштитиме?

Во работната кариера имаме прилика да се сретнеме со различни типови луѓе, колеги, работни задачи и одговорности. Доколку забележиме нелагодност во некоја релација, добро е да се потсетиме дека можно е да се случува мобинг. Неколку од горе споменатите карактеристики се добар показател за нашата поставеност во поглед на несвесните игри кои се играат на работа. Но, ако првиот чекор да се справиме со мобинг е да бидеме свесни дека тој се случува, тогаш вториот чекор е истото да го пријавиме. Постои правна заштита и закон за мобинг. Секогаш е добро да имаме повеќе информации за да си го подобриме професионалниот, работниот живот.

Пред сами да ја напуштите работата…

проверете колку другите ве навеле на тој чекор.