МЗШВ отвори своја канцеларија во Вевчани

26

Министерството за земјодество, шумарство и водостопанство (МЗШВ), викендов отвори своја подрачна канцеларија во Вевчани.
Министерот Љупчо Димовски, на отворањето на новата подрачна единица, истакна дека се посветува големо внимание на општината Вевчани бидејќи е дел од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и на земјоделството.
“Вевчани и вевчанскиот регион имаат големи потенцијали за производство на добри земјоделски производи, за развивање на земјоделскиот сектор, за преработувачки капацитети, а истовремено е и бисер на руралниот туризам во Македонија и заслужува внимание не само преку отворање на наша канцеларија, туку и директно финансирање на програмите за развој кои ги спроведува”, рече министерот Димовски.
Димовски за следната година најави дека Програмата за финансирање ќе изнесува околу 140 милиони евра, од кои 30 милиони евра ќе бидат насочени за развој на руралниот туризам.
“Вевчани е општина која може да ги искористи овие средства. Со градоначалникот сме во подготовка на проекти кои можат да бидат 100% финансирани од страна на министерството. Врз основа на дефинираните мерки, објавувањето на оглас, реализацијата на проектот има претходна исплата од 20% од страна на платежните агенции, и по реализацијата на проектот следи покривање на преостанатите трошоци”, додаде Димовски.
Цветомир Угриноски, градоначаникот на општина Вевчани, истакна дека изминатите две децении имало огромен застој во општината во развојот на земјодеството и сточарството.
“Веќе е распишан оглас за доделување на земјиште. Целта ни е да го вратиме земјодеството како во старите добри времиња кога имаше насади во винова лоза, жито и слично”, рече Угриноски.