На лето нов бран поскапувања – локдаунот во Кина, Европа ќе го почувствува за 2 месеца

123

Скоро една третина од стоките што треба да го напуштат пристаништето во Шангај се задржани поради строго заклучување, а доцнењето на испораката ја влошува кризата во синџирот на снабдување, што доведува до недостиг и зголемување на цените на стоките.

Европа и САД можат да очекуваат нови доцнења и недостиг на увезена електроника од Кина, како резултат на заклучувањето воведено поради коронавирусот во светскиот трговски центар Шангај, предупредува Винсент Стамер, економист од Институтот за светска економија во Кил, пишува  Дојче веле (ДВ).

“Три недели по ставањето на градот во карантин, приближно 30 отсто од стоката што требаше да го напушти пристаништето не го напушти Шангај. Со други зборови, тоа е 30 отсто помалку извоз во остатокот од светот“, наведува Стамер.

Тој на Твитер објави и графикон кој покажува дека количината на товар што излегува од ова пристаниште нагло паднала, додека количината на испораките од другите кинески пристаништа останала стабилна. Останатите податоци за работата на ова пристаниште покажуваат дека просечниот дневен волумен од 140.000 контејнери е намален на 100.000.

Шангај е жариштето на најголемиот бран на коронавирусот во Кина од почетокот на пандемијата, што беше пред повеќе од две години. Пристанишниот град, кој има 26 милиони жители, е под строга блокада од крајот на март. Поради тоа, некои работници беа принудени да останат и да спијат во фабриките каде што работат.

Станува збор за фабрики во регионот на Шангај, специјализирани за извоз на електроника за широка потрошувачка, како таблети и телевизори, но и за пософистицирани полупроизводи кои се користат во погоните на Запад.

Стамер посочува дека доцнењата во Европа ќе се почувствуваат за околу два месеци, бидејќи потребни се пет или шест недели за контејнерските бродови да стигнат, да речеме, до пристаништето Хамбург во северна Германија и уште две недели за стоката да се истовари и достави .

Тој предвидува дека поради доцнењето на испораката, стоките за широка потрошувачка летово ќе поскапат и додава дека Германија би можела да биде меѓу најпогодените земји од доцнењата, бидејќи речиси една третина од поморската трговија меѓу Кина и најсилната европска економија се одвива преку пристаништето Шангај.