Над пет милиони Германци имаат скратено работно време

14

Германската сојузна држава Баварија има најмногу работници со скратено работно време, покажуваат податоците на Институтот за економски истражувања (Institute for economic research – IFO).

Во Баварија околу 21% од вработените кои подлежат на обврската за плаќање придонеси за социјално осигурување, односно околу 1,2 милиони лица во јули работеле со скратено работно време, наведуваат податоците што ги пренесува Танјуг.

Во Баден – Виртенбург 19% или 900.000 вработени имале скратено работно време, додека во Долна Саксонија и Бремен заедно имаат 580.000 вработени со скратено работно време.

“Скратеното работно време особено преовладува во држави со големи автомобилски и дистрибутерски капацитети“, вели Себастијан Линк, експерт на IFO.

Според проценките, во јули во Германија околу 5,6 милиони работници имале скратено работно време.

Поради кризата во Германија е воведена програмата Kurzarbeit или скратено работно време, според која работниците се испраќаат дома или им се намалуваат работните часови, но добиваат околу две третини од платата која ја плаќа државата.

Фото: Freepik