Наградна игра за собирање фискални сметки

32

fiskalna-smetkaВладата на Република Македонија воведува наградна игра во која секој граѓанин со собрани 20 фискални сметки, од кој било износ, може да учествува и да добие некоја од вредните награди.

Главна награда е стан и дуќан, а на секои 45 дена ќе се доделува автомобил и вредносни ваучери за лаптопи, велосипеди, смарт телефони, LCD телевизори и други вредни награди.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој вчера ја промовираше наградната игра, истата има за цел да ја подигне јавната свест кај граѓаните и да се зајакне фискализацијата.

Приредувач на наградната игра Фискална во рака – награда без мака ќе биде Државната лотарија на Република Македонија, под покровителство на Министерството за финансии. Првото извлекување е закажано за 30 декември, а предвидено е да се одржат вкупно девет кола.

“Граѓаните може да учествуваат неограничен број пати во наградната игра. Наградниот фонд содржи еден стан и еден дуќан, кои ќе бидат распределени на крајот од наградната игра и ќе учествуваат учесниците од сите кола”, рече Ставрески.

Покрај ова ресорниот министер најави дека со законските измени се предвидува објавување листа на должници, на доспеани и неплатени долгови по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини.

“За сите должници кои подолго од 90 дена нема да ги платат јавните давачки ќе бидат објавени јавно на листа на веб страницата на УЈП, каде што ќе биде објавено името и презимето на должникот или називот на фирмата и други податоци кои се однесуваат на должникот, како и вкупниот износ на долгот. На листата ќе се најдат физичките лица кои нема да го платат долгот повисок од 120.000 денари во предвидениот рок и правните лица со долг над 300.000 денари, кој не е платен повеќе од 90 дена ”, појасни Ставрески.

Предвидено е 15 дена пред објавување на листата секој од должниците кој не платил подолго од 90 дена да добие опомена од УЈП и можност доколку плати да не биде објавен на листата.