НБРМ: Намалена ликвидноста на банкарскиот систем во јануари

17

Во јануари 2019 година, ликвидноста на банкарскиот систем се намали. Според оперативните податоци за тековите на ликвидност, намалувањето пред сè е резултат на промената кај монетарните инструменти, односно на повисокиот износ на средства на банките пласирани во краткорочни депозити кај Народната банка (што во најголем дел се должи на депозитите преку ноќ), при непроменета состојба на благајнички записи на Народната банка, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Автономните фактори, на нето-основа, како што се наведува, придонесоа за креирање ликвидни средства во системот, пред сè како резултат на девизните интервенции на Народната банка (откуп на девизи) и на намалувањето на готовите пари во оптек. Трансакциите на државата придонесоа за повлекување ликвидни средства од системот.

Вкупните депозити во декември 2018 година и натаму растат, но побрзо на месечно ниво, во еден дел како резултат на влијанието на сезонски фактори. Месечниот раст од 3% во најголем дел произлегува од депозитите на домаќинствата, при што позитивен, но мал придонес кон растот имаат и депозитите на претпријатијата и на останатите сектори.

Од валутен аспект, растот на депозитите во декември во најголем дел е под влијание на депозитите во домашна валута (вклучително и депозитните пари). Во периодот октомври – декември 2018 година вкупните депозити остварија раст, со што состојбата на депозитите на крајот на декември е повисока од очекуваната за крајот на четвртото тримесечје од 2018 година. Годишната стапка на раст на вкупните депозити во декември изнесува 12,1%, што е над проектираниот годишен раст за 2018 година (од 10,2%), согласно со октомвриската проекција.

Анализирано од секторски аспект, растот во најголем дел произлегува од депозитите на домаќинствата, при позитивен, но помал придонес и на депозитите на претпријатијата и останатите сектори. Од валутен аспект, најголем дел од растот се должи на депозитите во домашна валута (вклучително и депозитните пари), при позитивен, но помал придонес и на депозитите во странска валута.