Ликвидноста на банкарскиот систем во септември е намалена, стои во извештајот за најновите макроекономски показатели на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).
Според оперативните податоци за тековите на ликвидност, намалувањето во целост е одраз на промената кај монетарните инструменти, односно на повисокиот износ на средства на банките пласирани во краткорочни депозити кај НБРМ, при непроменета состојба на благајнички записи на НБРМ. Автономните фактори, на нето основа, придонесоа за креирање ликвидни средства во системот, главно под влијание на девизните интервенции на НБРМ (откуп на девизи) и во помал дел од готовите пари во оптек, коишто остварија пад. Депозитите на државата кај НБРМ во септември делуваа во обратна насока, во еден дел компензирајќи го ефектот на останатите автономни фактори.
Вкупните депозити и во август забележаа месечен раст којшто беше побрз во споредба со претходниот месец. Од секторски аспект, најголем придонес кон месечниот раст од 1,4% имаат депозитите на претпријатијата, при што позитивен, но релативно помал придонес имаат и депозитите на домаќинствата и депозитите на останатите финансиски институции .
Анализирано од валутен аспект, месечното зголемување на депозитите во најголем дел произлегува од денарските депозити (со вклучени депозитни пари), при помал позитивен придонес и на девизните депозити. Во периодот јули – август 2018 година, вкупните депозити остварија раст, така што со ваквите остварувања, состојбата на вкупните депозити на крајот на август е повисока од очекуваната на крајот на третото тримесечје од 2018 година. Годишната стапка на раст на вкупните депозити во август изнесува 12,2%, што е над проектираниот раст за третиот квартал на 2018 година (од 7,2%), согласно со априлската проекција. Од секторски аспект, растот во најголем дел произлегува од депозитите на домаќинствата, при што позитивен, но помал придонес имаат и депозитите на претпријатијата. Од аспект на валутната структура, најголем дел од растот се должи на депозитите во домашна валута (вклучително и депозитните пари), при позитивен, но помал придонес на депозитите во странска валута.
Депозитите на домаќинствата во август и натаму растат на месечна основа, но умерено побавно во споредба со претходниот месец. Месечниот раст на депозитите на домаќинствата од 0,4%, од рочен аспект главно произлегува од долгорочните депозити, додека од валутен аспект, најголем придонес во растот имаат депозитите во странска валута. Денарските депозити (со депозитни пари) и натаму имаат мал позитивен придонес. Во август, учеството на денарските депозити (со депозитни пари) во вкупните депозити на домаќинствата изнесува 51,1% и е незначително пониско во споредба со претходниот месец (51,2%). На годишна основа, растот на депозитите на домаќинствата во август изнесува 8,8%.