НБРМ: Намалени вкупните депозити и кредити на корпоративниот сектор во септември

13

pari-razlicni-pixabay

Фото: Pixabay

Во септември, вкупните депозити на корпоративниот сектор на месечна основа се намалени за 4,4%, со изедначен придонес на денарските и девизните депозити, додека вкупните кредити на овој сектор во текот на септември забележаа месечно намалување од 1,2%, со учество во промената како на денарските, така и на девизните кредити, покажуваат податоците на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

На годишна основа, кај вкупните депозити е забележан раст од 5,6%, којшто произлегува од растот на денарските депозити, при што во структурата на годишниот раст најголем придонес имаат депозитните пари. Од друга страна, состојбата на кредитите одобрени на корпоративниот сектор, на годишно ниво, е пониска за 0,5% во услови на пад на девизното кредитирање наспроти годишниот раст кај денарското кредитирање.

Во септември, кај вкупните депозити на домаќинствата е евидентиран месечен и годишен раст од 0,8% и 5,6% соодветно, кој во поголем дел произлегува од растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута (84,1% и 73,6% соодветно).

Кај вкупните кредити на домаќинствата во септември е регистрирано зголемување на месечна и годишна основа од 0,5% и 9,8% соодветно. Притоа, месечниот и годишниот раст на кредитната активност кон домаќинствата, во најголем дел се должи на денарските кредити.