НБРМ: Поголема ликвидност на банките во февруари

19

Ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори во февруари се зголеми, а банките го насочија вишокот ликвидни средства во расположливите депозити кај Народната банка, беше истакнато на редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

Подобрената ликвидност во февруари услови пониска трговска активност на меѓубанкарскиот пазар на пари и тоа како сегментот на необезбедени депозити, така и на секундарниот пазар со хартии од вредност.

Во однос на досега расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за трговскиот дефицит се подобри од очекуваните, додека индиректните показатели за приватните трансфери не покажуваат отстапување од проекциите. Сепак, периодот на кој се однесуваат податоците е многу кус за да може да се извлечат посигурни заклучоци.

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за февруари покажуваат зголемување на кредитите на приватниот сектор на месечна основа, што следи по намалувањето остварено во јануари 2016 година. Месечното зголемување на кредитите е резултат на зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор, иако умерен раст остварија и кредитите на домаќинствата. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во февруари изнесува околу 9% и е над проекцијата за првиот квартал на 2016 година.

Во однос на депозитниот потенцијал, по намалувањето во јануари, во февруари вкупните депозити остварија раст, при што нивната годишна динамика на раст во февруари ги надмина очекувањата за првото тримесечје во рамки на октомвриските проекции.

Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина. Што се однесува на ефектите врз домашната економија, поврзани со домашните политички случувања, се оценува дека тие се ограничени. Сепак, и понатаму постои неизвесност во окружувањето, што создава ризици за следниот период. Во вакви услови, излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од понатамошното стабилизирање на домашниот политички контекст и неговите ефекти врз економијата, како и од промените во надворешната позиција и ефектите врз девизните резерви.

Основите на економијата и натаму се солидни. Ризиците произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување. Во однос на надворешните фактори тие и натаму се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи.

Во однос на домашните ризици и покрај тоа што во досегашниот период нивното влијание беше релативно мало и ограничено, оддолжувањето на неизвесноста поврзана со политичките случувања доведува до можност таа да се прелее во економијата заради поголема воздржаност на домашните и на странските субјекти.