НБРМ: Поволни економски поместувања преку раст на индустријата, трговијата и градежништвото

27

Фото: Pixabay

Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари – февруари 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, како и преку значителното забрзување на растот кај градежништвото, беше утврдено на седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Ова, дополнето со стапка на раст на економската активност во изминатата 2018 година од 2,7% којашто е над проектираната, соодветствува со очекувањата за постепено забрзување на економскиот раст во наредниот период.

Кога станува збор за инфлациските движења, просечната годишна стапка на инфлација во првиот квартал на 2019 година изнесува 1,2%, што е под проектираното ниво со октомвриската проекција. Воедно, најновите оцени упатуваат на послаби притисоци од увозните цени во 2019 година. Во вакви услови, ризиците околу проектираната стапка на инфлација за оваа година од околу 2% тековно се оценуваат како надолни.

Расположливите податоци од надворешнотрговската статистика за јануари и февруари упатуваат на можност за остварување малку поголем трговски дефицит од очекуваниот за првото тримесечје на годинава. Воедно, податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на март укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери коишто се блиску до очекуваните за првиот квартал од 2019 година. Девизните резерви на крајот на март се малку пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и постојано е во сигурната зона. На девизниот пазар, движењата се и натаму поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи од банките.

Во однос на монетарните движења, првичните монетарни податоци за март годинава покажуваат месечен раст и кај депозитите и кај кредитите. Притоа, поради подобрите остварувања на крајот на 2018 година, растот на депозитите, на годишна основа и натаму го надминува растот проектиран за крајот на првиот квартал од оваа година. Во однос на кредитната активност, послабите остварувања на крајот на минатата година придонесуваат за одржување на кредитирањето на пониско ниво од очекуваното, а со тоа и за негов малку понизок годишен раст во однос на проектираниот.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на домашните банки се задржа на релативно стабилно и високо ниво, што придонесе за отсуство на потреба кај банките за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на необезбедени депозити. Вишокот слободни парични средства банките и натаму го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните субјекти.

На девизниот пазар, во март, во услови на раст на побарувачката за девизи, банките на нето-основа продаваа девизи во трансакциите со клиентите. Банките ја обезбедија повисоката побарувачка за девизи во целост од сопствената девизна ликвидност. Народната банка интервенира со умерен откуп на девизи од банките поддржувачки.