НБРМ пушти во оптек кована пара за колекционерски цели

12

Народната банка на Република Македонија ја издаде и пушти во оптек кованата пара за колекционерски цели Владимирска од серијата Икони на Пресвета Богородица.

На аверсот на кованата пара, во централниот дел е претставен приказ од Благовештението, врз основа на фреска од македонската црква којашто се наоѓа во селото Старo Нагоричане (од 1313 до 1318 г.). Во горниот дел е прикажано името на издавачот на монетата – Република Македонија (на македонски јазик) и грбот на Република Македонија. Под грбот е прикажана годината на издавање на монетата – 2016. Во долниот дел од аверсот е прикажана номиналната вредност – 100 денари и ознаката Ag925, како и тежината на монетата – 31,1 г.

На реверсот, во централниот дел е прикажан портрет на Пресвета Богородица Владимирска, врз основа на делата на Строгановската школа за иконопис (Русија, крај на XVI век). Украсите околу централната слика, огледалната основа, ѕвездите на облеката и ореолите на Богородица и на детето Исус се позлатени. На долниот дел од монетата е претставен натписот Владимирска на македонски јазик.

Оваа кована пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 31,1 г, чистота на среброто од 28,77 г и во форма на правоаголник со димензии 30 х 45 мм.

Цената на кованата пара Владимирска изнесува 3.800 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.