НБРМ: Раст на депозитната база поттикнат од корпоративниот сектор

10

Депозитниот потенцијал, според првичните податоци со август, покажуваат негово зголемување, поттикнато од растот на депозитите на корпоративниот сектор, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка на Македонија (НБРМ).

“Остварувањата кај вкупните депозити со август се послаби од проектираните, при што на крајот на август вкупните депозити на годишна основа се повисоки за 6,7%, додека проекцијата за крајот на третиот квартал предвидува раст од 9,5% на годишна основа“, се вели во соопштението на НБРМ.

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за август покажуваат натамошен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, со иста динамика, како и во претходниот месец, што не е невообичаено за овој период од годината. Сепак, годишната стапка на раст на вкупните кредити во август изнесува 8,8% и е пониска во однос на проекцијата за третиот квартал од 9,8%.

Ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори во август се зголеми, при што банките имаа зголемен интерес за пласирање на вишокот ликвидни средства кај Народната банка. На пазарите на пари обемот на тргување беше висок, што овозможи ефикасно управување со ликвидноста на банките и задржување на каматните стапки на релативно стабилно ниво.

Најновите показатели на НБРМ покажуваат дека економската активност и понатаму расте со солидно темпо, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуалните непредвидени шокови во иднина.

Во второто тримесечје БДП оствари годишен раст од 2,6%. Ова остварување претставува умерено забавување на динамиката на раст во однос на првиот квартал од годината, што е во согласност со очекувањата во априлските проекции. Од аспект на двигателите на растот, во вториот квартал на годината се зајакна позитивниот придонес на нето-извозот (и во првото тримесечје нето-извозот имаше позитивен придонес), додека придонесот на домашна побарувачка е умерено негативен и произлегува од падот на бруто-инвестициите на годишна основа.

Според последните расположливи податоци за третото тримесечје на 2015 година, девизните резерви бележат пад. Гледано преку факторите на промена, намалувањето на резервите во овој период е последица, пред сѐ на редовното намирување на надворешните обврски од страна на државата, а во многу мал дел и на нето-продажбата на девизи на девизниот пазар од страна на НБРМ. На девизниот пазар, во август беа регистрирани стабилни движења, под влијание на сезонски фактори.