НБРМ: Стабилен банкарскиот систем во 2015 година

14

Советот на Народната банка го донесе и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2015 година, при што беше утврдено дека и покрај сите предизвици, банкарскиот систем ја задржа стабилноста и ја потврди својата отпорност на шоковите.

Активата, кредитите и депозитите, на годишна основа, пораснаа за 5,8%, 9,7% и 6,7% соодветно. Карактеристично за 2015 година е тоа што зголемувањето на депозитите се должи повеќе на растот на корпоративните депозити, отколку на растот кај домаќинствата.

Ликвидноста на банкарскиот систем е на задоволително ниво. И покрај благото намалување на ликвидните средства во 2015 година, тие и натаму учествуваат со над 30% во вкупните средства на банките и покриваат близу 60% од вкупните обврски. И во 2015 година, во банкарскиот систем во Република Македонија најзастапен е странскиот капитал, при што 75% од вкупниот акционерски капитал потекнува од странските акционери. Сепак, активностите на домашните деловни банки не зависат од изворите на финансирање од странските матични лица, со што се овозможува стабилност на ликвидносната позиција. Банките очекуваат стабилност на депозитите и во наредниот период.

Ниските приноси на финансиските инструменти на домашниот и меѓународните финансиски пазари, во 2015 година, придонесоа за задржување на склоноста на банките за кредитирање. Следствено, кредитниот раст на банките од 9,7% претставува само мало забавување во однос на растот од 9,9% остварен во 2014 година. Во овие услови на раст, кредитниот ризик, најзначајниот инхерентен ризик во билансите на банките, не предизвикуваше загриженост.

Растот на нефункционалните кредити, како што се наведува, видно забави, со што учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити, на крајот од 2015 година, падна на 10,8%, од 11,3% колку што изнесуваше на крајот од 2014 година. Сепак, треба да се има предвид дека за намалувањето на стапката придонесоа и зголемените отписи, а реструктурираните кредити се согледаа како потенцијален извор на кредитниот ризик во иднина, поради што Народната банка ги воведе и макропрудентните мерки за негово спречување. Изложеноста на банките на останатите ризици, пред сѐ валутниот и пазарниот ризик, и во 2015 година беше мала.

Профитабилноста на банките во 2015 година се подобри, во однос на 2014 година, при што повратот на активата и капиталот изнесуваат 1,1% и 10,4% соодветно. На крајот од 2015 година, стапката на адекватност на капиталот изнесуваше високи 15,5% што, при солиден раст на сопствените средства на банките, претставува само мало намалување во споредба со крајот на 2014 година, кога овој показател изнесуваше 15,7%.