НБРМ вклучена во програма за јакнење на капацитети на централните банки од западен Балкан

21

Централната банка на Германија, заедно со 17 други централни банки од Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), Европската централна банка (ЕЦБ) и Европската комисија, пред два дена започнаа со спроведување на Програмата финансирана од Европската Унија за јакнење на капацитетите на централните банки на земјите кандидатки и потенцијални кандидатки за членки на ЕУ од Западен Балкан.

Станува збор за двегодишен проект во рамки на активностите за интеграција на централнобанкарските институции од регионот во ЕСЦБ. Покрај централната банка на земјава, крајни корисници на проектот се и централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Истовремено корисници на програмата се и агенциите за банкарство на Босна и Херцеговина и Република Српска, како одделни тела за банкарска супервизија. За оваа регионална програма, ЕУ издвои два милиона евра од својот Инструмент за пристапна помош (ИПА 2).

Целта на Програмата за понатамошно зајакнување на институционалните капацитети на централнобанкарските институции вклучени во проектот, пред сѐ, подразбира натамошно зајакнување на аналитичките алатки и алатките предвидени во политиките, како и воведување на најдобрите меѓународни и европски стандарди во националните практики.

Во следните две години ќе биде спроведена интензивна регионална програма за обука за клучните прашања од областа на централното банкарство и супервизијата. Обуката особено ќе се фокусира на банкарската супервизија, финансиската стабилност, заштитата на потрошувачите на финансиски услуги и финансиското вклучување, закрепнувањето и справувањето со нефункционалните кредити, монетарната политика, платните системи, статистиката, усогласеноста на легислативата и интеграцијата во ЕУ, политиките за управување, сметководството и внатрешната ревизија. Обуката ќе биде одржана од експерти од националните централни банки на ЕСЦБ и ЕЦБ.

Со Програмата се предвидени и две работилници коишто ќе бидат наменети за носителите на одлуки за справување со нефункционалните кредити и за прашањата поврзани со нивното управување. Покрај регионалните настани, преку Програмата ќе се финансира и спроведувањето конкретни билатерални мерки што ќе бидат дефинирани на состаноците на Управниот комитет на Програмата.

Во остварувањето на програмата, Централната банка на Германија ќе соработува со централните банки на Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Литванија, Унгарија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словенија и Словачка. Особено значен е и придонесот којшто ќе го има ЕЦБ.

Нашата централна банка е максимално посветена на својата стратегиска цел за пристапување кон ЕСЦБ и ќе настојува максимално да ги искористи придобивките од оваа програма.