НБРМ: Зголемување на вкупните депозити во август

18

nbrm-logo-pocetna

Првичните монетарни податоци за август 2017 година покажуваат зголемување на вкупните депозити на месечна основа, наспроти падот забележан во претходниот месец, меѓу другото беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

Зголемувањето на депозитната база во август, како што се наведува, се должи и на растот на корпоративните депозити, но и на зголемувањето на штедењето на населението.

Депозитната база засега е пониска од априлските проекции за третиот квартал, но сепак се забележува постепено намалување на неповолното отстапување. Во август, банките продолжија да ѝ обезбедуваат кредитна поддршка на економијата, и понатаму главно насочена кон населението, при што нивото на вкупните кредити на крајот на август е во рамки на очекувањата од априлската проекција.

Во периодот помеѓу двете последни месечни седници на Комитетот за оперативна монетарна политика, ликвидносниот потенцијал на банките минимално се зголеми. Промената на ликвидните средства на банките во овој период беше под влијание на пониската побарувачка на денарска готовина, којашто е вообичаена за периодот кој следи по сезоната на годишните одмори. Исто така, ликвидноста се зголеми и заради интервенциите на Народната банка за откуп на девизи од девизниот пазар.