НБРМ: Зголемување на вкупните нефункционални кредити на банките

24

nbrm-logo-pocetna

Вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем, во текот на вториот квартал од оваа година, се зголемија за 8,1%, покажуваат податоците на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

“Зголемувањето на учеството на нефункционалните во вкупните кредити беше во целост концентрирано кај корпоративното кредитно портфолио, каде што ова учество се искачи до ниво од 10,6%. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата се задржа на исто ниво, од 2,5%, но не треба да се занемари континуираниот раст на нефункционалните кредити во овој сектор во последните пет квартали. Покриеноста на нефункционалните кредити со сопствената исправка на вредност се одржа на високо ниво од 76,9%“, стои во соопштението.

Ликвидноста на банкарскиот систем остана на задоволително ниво, видливо преку релативно стабилното учество на ликвидните средства во вкупната актива и задоволителната покриеност на краткорочните обврски и депозитите на домаќинствата со ликвидни средства.

Показателите за профитабилноста и ефикасноста на банкарскиот систем бележат натамошни подобрувања и се на солидно ниво. Сепак, добивката на банкарскиот систем во тековната година го забавува растот во споредба со истиот период од 2016 година. Во услови на ограничен простор за натамошно позначително намалување на каматните стапки на депозитите, придонесот на нето каматниот приход во зголемувањето на добивката е значително намален во споредба со претходните години. Банките и натаму испорачуваат високи стапки на поврат на просечниот капитал и на просечната актива, од 12,7% и 1,4%, соодветно, што е особено значајно во процесот на интерно создавање капитал, во услови на немање речиси никаква докапитализација по пат на емисии на акции.

Показателите за солвентноста и капитализираноста на банкарскиот систем се зголемија во вториот квартал од 2017 година, што е најмногу резултат на растот на капиталните позиции, пред сѐ заради задржувањето на добивката остварена во 2016 година. Побрзиот раст на сопствените средства на банките, во споредба со активата пондерирана според ризиците, овозможи подобрување на стапката на адекватност на капиталот до ниво од 15,8%.

Резимирано, банкарскиот систем и во вториот квартал оствари високо ниво на стабилност со тенденција на раст, при што Народната банка ќе продолжи да ги следи ризиците во банкарскиот систем во рамки остварувањето на своите надлежности и по потреба, да воведува мерки и активности за нивно ублажување.